Научници од Институтот за сида при Универзитетот на Хонг Конг соопштија дека се близу до пронаоѓање „функционален лек“ за ХИВ-вирусот што го предизвикува синдромот на намален имунитет СИДА. Станува збор за ново антитело кое би се користело и за превенција и за лекување на болеста.
Истражувањето е спроведено во период кога Кина се соочува со поинтензивно ширење на сидата меѓу високоризичните групи и е предводено од професорот Чен Зивеи.
- Сега луѓето заразени со ХИВ можат да го држат вирусот под контрола со антиретровирусни лекови што го спречуваат да зарази нови клетки. Но, тие мора да се примаат секој ден и не ги лекуваат веќе заразените ткива. Новото антитело има значително подолго траење од постојните лекови и ќе може да се прима на три месеци. Новооткриеното биспецифично антитело дејствува против сите верзии на ХИВ-вирусот - вели професорот.
Речиси 850.000 Кинези се заразени со ХИВ, покажуваат податоците од ОН.
Научниците очекуваат експерименталната фаза да трае од три до пет години.
Извор: МИА