Во првите две згради, пак, времето е застанато. Собите во кои некогаш се сместуваа дури и по четворица студенти, сега зјаат празни чекајќи чекан. Некогашната врева од студентите е заменета со неочекувана и нетипична тишина која, доколку сте живееле во „Стив“ во времињата кога имаше тепачка за место, многу ќе ве натажи.
Но, ако прошетате низ студентскиот дом, ќе видите дека промените донеле многу малку добро. Уште на влезот во третата, таканаречена женска зграда, на местата каде што порано беа излепени огласи „изготвувам семинарски и дипломски“, сега ќе ве пречека оглас за работа во Хрватска, па ќе си помислите „зарем не е доволно пусто, уште ова фали“.
Откако ќе влезете и ќе тргнете во некоја од ламелите, следната глетка што ќе ја видите се тоалетите на приземјето кои се во процес на реновирање – се заменуваат подните плочки и веце-школките и се монтираат нови врати. Во бањите исто така се менуваат подните плочки и се ставаат туш-батерии.
Принципот на сместување во студентските соби во женската зграда останал ист - само сега најчесто престојуваат по 2-3 студенти, иако условите не се нималку добри. Ако порано низ ходниците се слушале гласовите на студентите кои биле возбудени за нивната преселба, сега се слуша звукот на чеканот. На влезот во домот ве пречекува непријатна реа и застојан и неубав мирис од тоалетите, а како што се движите нагоре по скалите и ходниците, не може а да не ги забележите ичкртаните и уништени ѕидови со графити, погрдни зборови, пцости, кои стојат со години.
Глетката во тоалетите и на погорните катови е навистина тажна. Во тоалетите, кои се места каде што е очекувано да се има приватност, за жал, нема. Старите врати се извадени, а додека да се монтираат новите, огромен број од тоалетите се отворени.
Во тоалетите се менуваат плочки, врати и се ставаат веце-школки
Ситуацијата е слична и во бањите, каде што мора да се заклучи главната врата за да можете да се истуширате во некоја од кабините каде што има туш-батерија.
Во една од бањите во кои влеговме, на прозорецот беше останата само рамката, па веднаш прокоментиравме дека се надеваме оти нема вака да остане кога ќе дојдат навистина студените денови.
Шетајќи се низ празните ходници, лесно може да заклучите зошто сите студенти аплицираат за реновираниот дом „Гоце Делчев“ или за во некоја од новоизградените таканаречени бараки во „Стив“.
За разлика од зградата отворена за вселување, бараките се многу поуредени и поурбанизирани. Се наоѓаат на ритчето над мензата, а условите во нив во споредба со собите во зградите се неспоредливи. Тука студентите живеат во далеку подобри услови, со нова покуќнина. Собите се двокреветни, со тоалет со туш-кабина и веце-школка. Според изјавата на еден од студентите кој живее во бараките на студентскиот дом, тој е задоволен од условите.
- Живеам во една од собите во бараките, со цимер. Дозволено е по двајца да се сместени во соба, а собата е убаво уредена во споредба со собите во зградите. Имаме и сопствен тоалет со туш-кабина и веце-школка, што е супер. За разлика од собата во која живеев претходната година кога бев сместен во домот „Кузман Јосифовски-Питу“, сега сум задоволен од овие услови - рече студентот кој беше меѓу ретките што ги сретнавме во мензата.
Доколку сте живееле во „Стив“ во некои други времиња, веројатно би пробале да си купите нешто со бонови од мензата или бифето. Но, брзо ќе се разочарате. Боновите одамна ги нема, бифето е затворено, а единствениот објект за прехрана во овој студентски дом е мензата, која сега работи по точно одреден распоред.
Штом ќе влезете во мензата, ќе ве пречекаат мирисот на храната и насмевките на вработените. Со оглед на тоа дека го посетивме домот во период кога не се сместени сите студенти, забележавме едвај неколкумина седнати на масите во трпезаријата. Вработените во мензата ни споделија дека таа функционира по принцип на картички - студентите може да земат 1-2 порции. Обезбедени им се појадок, ручек и вечера, а наскоро треба да започнат и со сервирање десерти.
- Појадокот најчесто се состои од чорби, леб, виршли, пржени/варени јајца, путер, паштета/нарезок и слично, за ручекот задолжително е да содржи месо, а вечерата може да биде некоја кифла, баничка, макарони - споделија вработените.
Од мензата се упативме кон некогашната бонска, каде што сега се поставени машини за перење и сушење на алишта. Се очекува пералницата наскоро да почне со работа. Студентите што ги сретнавме ни го објаснија начинот на работа.
- Пералницата ќе работи на принцип на бројчиња. Секое прво перење во месецот е бесплатно, а секое наредно ќе се наплаќа 150 денари - истакна еден студент.
Во продолжение можете да видите и како изгледа таканареченото диско.
Сместувањето во студентските домови чини околу 3.600 денари со вклучени трошоци и храна. Во „Стив Наумов“ се сместуваат 600 студенти.
Летово беше најавено дека кон крајот на јули или почетокот на август МОН ќе распише тендер за избор на фирма која ќе ги реконструира студентските домови „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“ во Скопје. Досега тендерот не е објавен, а страницата на МОН сè уште е нефункционална, па не може ни да се прочитаат новости за тоа.
Факултети.мк уште во 2018 година пишуваше за состојбата на „Кузман“, а таа репортажа можете да ја прочитате
ТУКА.