X
 27.01.2020 Наша тема

Кога бев студент со Бранка Костиќ-Марковиќ, етномузиколог: Волонтирав и заработував хонорарно уште од 16 години

Се гордеам со мојата дипломска работа. Ги истражував погребните обичаи кај нас, со фокус на тажачките песни – „Македонските тажаленки – од Андромаха до Ѕвезда Видина“, вели нашата позната новинарка и критичарка, која ги сподели своите студентски денови во рубриката што Факултети.мк ја работи заедно со „Пивара Скопје“


Од матурското табло

Уметноста ѝ е животна определба – со музика, литература и култура растела од мала, а и сѐ што работела подоцна било поврзано со уметноста. Иако во семејството немала никој конкретно посветен на уметноста, нејзините родители ја поддржувале во остварувањето на желбите и поривите. Бранка Костиќ-Марковиќ е магистер по етномузикологија и од минатата година е уметнички раководител во Ансамблот за народни песни и ора „Танец“. Таа беше речиси две децении новинар и музички уредник во ТВ „Телма“, а потоа уредник во издавачката куќа „Арс Ламина“, со која сѐ уште го реализира проектот „Астрорум“.

Се подготвувала за студиите по музикологија на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 1990 година, но по препорака на професор се запишала на новата насока – етномузикологија.
Посакала да оди во музичко училиште кога ја видела другарка ѝ Маја како свири на клавир и игра балет. Нејзините ја однеле на приемен испит и ја примиле на виолина. Свирела на виолина шест години, но од мала знаела дека не сака да биде изведувач, туку дека повеќе сака да ја проучува музиката од другата страна. Затоа и во средно се запишала на теорија на музика и педагогија.

Со Женскиот младински хор на фестивал во Унгарија

- Тоа беа времиња кога многу патувавме, имавме секции, сѐ беше бесплатно и со личниот труд можеше да се цели и да се стигне далеку. Кога дојде време за запишување во средно школо, се мислев дали да се запишам во гимназија, во средно ликовно или во средно музичко. Сепак, се решив за музичко, каде што во тоа време беше важно и општото образование, па изучувавме и физика и математика. Учествував и на натпревар по македонски јазик и освоив прва републичка награда за состав посветен на св. Климент Охридски. Можеби тогаш изгледаше дека на идните музичари им се вишок сите тие општообразовни предмети во наставата, но денес сфаќам колку тоа било важно за нашето образование и колку среќни генерации сме биле што потекнуваме од оној стар, но добар југословенски систем - објаснува Бранка.

Се подготвувала за музикологија

Знаела дека нема да студира одреден инструмент и затоа почнала да се подготвува за студиите по музикологија, насока на која се примале само четворица студенти на секоја четврта година. Во четврта година во средното училиште имале час по музички фолклор, а предавањата им ги држел истакнатиот етномузиколог Михаил Брзанов. Тој ја забележал нејзината музикалност и вештината за брзо мелографирање и ѝ предложил да се запише на новата насока на ФМУ, која требало да почне со работа наредната година.
Иако таа никогаш немала допирна точка со фолклорот, го послушала професорот и отишла на приемниот испит на одделот за етномузикологија, со кој раководел проф. д-р Ѓорѓи Ѓорѓиев. Така станала горд студент на првата генерација етномузиколози во друштво на привилегираните тројца примени кандидати.


Заедно со членки на хорот „25 Мај“ на отворањето на Охридско лето со премиерата на „Етнографофонија“ од Ристо Аврамовски

Вели дека периодите на средно и факултет, па и на магистерските студии ѝ се преплетуваат, особено што и физички образованието ѝ се одвивало во истата зграда. Таа дури често не може да разграничи кој колега на која генерација ѝ припаѓа. На факултет имале предавања со студенти од различни насоки, па и од различни факултети, но и со професори од различни катедри од Скопје, Белград, па на магистерските и од Англија, Швајцарија, САД...

Како прва генерација на нови студии учеле многу предмети, (речиси сѐ од класиката, а неколку од тесната специјалност, полагале многу колоквиуми, консултирале повеќе странска од домашна литература и работеле со видни професори од регионот. Тоа Костиќ го смета за голема привилегија и главен адут на нејзиното широко образование кое, пак, ѝ отвора многу можности за дејствување и во музикологијата и во етномузикологијата, новинарството, публицистиката...


За време на студиите случајно пеела и на Скопскиот фестивал

- Филозофија, на пример, слушавме заедно со Факултетот за драмски уметности и со Ликовната академија. Ме интересираа оркестрите, музичките појави. Возбудливо ми беше да проникнувам подлабоко во феномените, да ги анализирам работите, да наоѓам спој меѓу дисциплините, конечно, да си ги врзам љубовите кон јазикот, уметностите, размената на искуства со луѓето, во едно. Познато е дека најпрестижни насоки на ФМУ беа диригирање, композиција и (етно)музикологија, на кои се запишуваа малкумина. Требаше да се биде најдобар, да се има просек и требаше да се поминат најтешките приемни испити. Не велам дека изведувачките насоки беа лесни. За тоа треба целосна посветеност и среќа потоа да се биде прв во морето талентирани изведувачи од целиот свет. Треба да се биде најдобар меѓу најдобрите, а не секој може да биде Симон Трпчески – вели Костиќ-Марковиќ.


Во култниот клуб „Виктор и Викторија“ поминувале многу часови со предавања и музика

Имала среќа да ѝ предава проф. д-р Драгослав Девиќ од Белград, кој е автор на учебниците по кои сѐ уште работат студентите речиси на целиот Балкан и без кои не може да се замисли проучувањето на фолклорот на јужнословенските народи, објаснува таа. Етнокореологија им предавала проф. д-р Оливера Васиќ, која е синоним за областа на овие простори.

Генерациски се мешавме

На факултет се дружеле од разни генерации. Весна Ѓиновска-Илкова, Маја Шутевска и Љубиша Кировски, Борјан Цанев, браќата Ѓумар, Александар Поп Христов, Дарко Димитров, се само дел од познатите со кои ѝ поминувало секојдневието.



- Се водеше многу индивидуална настава и имаше селекција, а професорите добро ги познаваа своите ученици. Во средно во мојот клас се запишавме 40-мина, а завршивме 15. Во тоа време имаше џез-клубови и свирки каде што буквално се доедуциравме. „Виктор и Викторија“, на пример (кај црквата „Св. Димитрија“) беше сврталиште, по предавања одевме таму. Саша и Вања Николовски таму ни ги контролираа задачите по хармонија, ни помагаа во хармонска анализа на симфонии и опери. Таму денски имаше предавања, а навечер свирки. Хор, оркестар имавме попладне, па потоа продолжувавме на концерт, изложба, свирка. Ние уште од времето на средношколските и факултетските денови знаевме кој ќе го биде, а кој не. Уште од средно знаевме кои ќе станат Хајди Елзесер, Панде Шахов, Михајло Трандафиловски, Весна Ѓиновска (Илкова), Симон Трпчески, Ана Стаменковска (денес Дурловски), Благој Нацоски или Ирена Ветерова, Сандра Мијалкова, Олга Панго, Искра Шукарова и другите како нив - вели таа.

Посветена студентка

Била посветена студентка за она што ѝ било најважно, па калкулирала дозволувајќи си и понекоја послаба оценка таму кај што имала послаб афинитет. Но, секогаш успевала да го задржи високиот просек.
- Не се штедев таму каде што сакав да ги продлабочувам знаењата, во и надвор од факултетот. Ние практично бевме цел ден на настава, цел ден со музиката. Уште од средното, потоа и на факултетот и постдипломските студии земав стипендија за талентирани. Предметите што ги сакав ми беа десетки. Еве сега ѕирнав во индексите и ми навреа бранови на задоволство кога се сетив на часовите и полагањето кај некои професори. И сега ми се мили десетките по етномузикологија, етноорганологија, вокална техника, хор, музички форми, филозофија и естетика на музиката, историја на музика, социологија... Но, исто толку незаборавни ми се и вежбите по хармонија кај професорот Живојин Глишиќ (тогаш асистент), кај кого да се добие шестка беше рамно на минимум деветка по некој друг предмет – категорична е соговорничката.


Во посета на роднини во Канада по првата година на факултет

Вели дека не била „бубалица“ зашто тоа и не било можно со нејзината динамика на живеење.
- Сакав сѐ да правам истовремено. Волонтирав и заработував хонорарно уште од 16 години. Додека студирав, постојано бев и со хоровите и со маестро Запров во Домот на млади „25 Мај“, каде што ја „печев“ дисциплината и посветеноста кон работата, но каде што ја стекнував и праксата за постигнување врвни резултати и справување со истите. За време на целото студирање, заедно со уште неколку мои колешки, работев хонорарно и на Скопскиот џез-фестивал, каде што запознав големи ѕвезди како Б. Б. Кинг, Били Кобам, Ал ди Меола, Џо Завинул, Чик Кориа, Рој Хардгроув... Сакав и уживав да бидам дел од целиот процес на еден музички настан, од пристигнувањето до заминувањето во земјата. Тие години целото време ми беше исполнето со музика, класика на концертите на Филхармонија, рокенрол, џез-свирки...– се потсетува Бранка.

Тажачките песни – дипломска работа

Имала многу интересна тема за дипломска работа на која ја упатил проф. Ѓорѓиев. Ги истражувала погребните обичаи кај нас, со фокус на тажачките песни – „Македонските тажаленки – од Андромаха до Ѕвезда Видина“. Истражувала на Скопска Црна Гора, најмногу во с. Кучевиште.
- Ретко кој се зафаќал со темата на тажаленките, а пред мене имав само еден не многу голем реферат во кој Васил Хаџиманов пишувал за тажачките песни за жртвите од големиот земјотрес во Скопје во 1963 година. Мака мачев да одам на теренско истражување. Со татко ми најдовме професионална тажачка во Кучевиште. Но, таа не сакаше да ми пее сѐ додека не почине некој во селото за да може да го употреби неговото име. Сѐ уште постоеше суеверието дека ако спомене некого, може навистина да ја предизвика неговата смрт. Па, потоа не сакаше да ми пее надвор од погребната церемонија (а сакав да ги снимам сите услови во кои оплакува починат – пред погреб, на погреб, на „прво утро“, на 7 дена... до една година), туку моравме да се затвориме во училиштен подрум за да не ја слушнат соселаните. Тоа би било ерес. Овие песни се табу-тема и во светот, а се директни сведоштва за најстарите слоеви на фолклорната традиција. Се гордеам со дипломската, во која успеав да направам и цел историјат на оплакувањето – вели етномузикологот.


Како диригентка на хорот „Развигорче“ на турнеја во Белгија

Љубов кон македонскиот јазик

Еден од омилените професори во средно школо ѝ бил Тоде Новачевски, професорот по хармонија и едно време и по хорско пеење.

- Хармонијата, иако беше предметот на кој малку му се посветував во средното училиште и на факултетот, кој ми беше своевиден баук и кој „најслабо“ ми одеше, го засакав и вистински го научив дури подоцна во рамките на предметите хармонска анализа и музички форми. Ги сакав часовите на професорот Новачевски, познат во пошироката јавност како хит-мејкер за сестрите Маријана и Росана. Тој е неверојатно питом и тивок човек, полн со знаење и неверојатен музикалитет и во предавањата и во компонирањето. Таа почит кон него трае и денес и затоа многу се израдував кога по долги години немање комуникација (тој одамна се отсели во Австралија), се најдовме на „Фејсбук“ и ми пиша дека сум една од ученичките што ќе ги памети – вели таа.


Бранка со своето друштво пред да се запише на факултет

Меѓу омилените професори на факултетот ѝ бил и тогашниот декан и професор по вокална техника, познатиот оперски уметник Благоја Николовски. Првпат имала можност да пее оперски арии зашто дотогаш имала искуство само со хорското творештво. Од него ја добила и првата десетка. Сакала да учи солфеж кај Благој Цанев, а нема да го заборави знаењето од Миле Брзанов, како и наставничката по солфеж Нада Гајиќ, која важела за страв и трепет за сите. Етномузикологот споделува колку и биле важни лекциите за добро однесување од своите наставници и професори. Во тоа време, вели, не враќаа ако бевме облечени со бермуди или ако сме неистуширани. И смета дека тоа било правилно, затоа што идните музичари треба да бидат пример за углед во општеството.

Имала среќа како добар и љубопитен студент за своите магистерски студии да биде вклучена во меѓународен проект на ФМУ поддржан од Циришка фондација за наука. Проф. Димитрије Бужаровски ја ангажирал во делот за дигитализација на македонскиот музички фолклор и во рамките на тој проект ја изработила и својата магистерска теза посветена на создавање методологија на современо архивирање (во доменот на дигиталната технологија) на музичкиот фолклор, врз примерот на приватната колекција која со години ја создавал првиот македонски етномузиколог Живко Фирфов. Ова било непроценливо искуство проткаено со соработки со светски научници, учества на меѓународни конференции и презентации на врвни универзитети. Доказ дека сите навидум неважни предмети од средното школо стануваат круцијални во справувањето со сигналите, брановите и спектралните анализи на звукот, статистичките бази на податоци, информатиката, квантификација на работите што сите ги сметаат за неегзактни и сл.


Заедно со тапанарот Били Кобам, кој ја импресионирал со професионалноста

Скопскиот џез-фестивал – големо искуство зад сцена

Многу убави години ѝ биле ангажманите на Скопскиот џез-фестивал, каде што помагале во организацијата, придружувале гости...
- Таму научив дека е најважно какво е уметничкото дело, а не каков е авторот или изведувачот приватно. Сепак, врвните уметници се многу едноставни, со нив немам никогаш проблем. Кај тие што се нијанса подолу, во некоја сенка на „прволигашите“, веднаш се гледаат фрустрациите. И денес ми е најголемо задоволство кога правам интервју со некоја ѕвезда и кога таа тргнува со предрасуда дека сум од „некојаси“ земја, па кога во текот на разговорот ќе успеам да ја разубедам дека не била во право, задоволството е двојно – се смее Бранка и додава дека Ал ди Меола ѝ бил големо разочарување од уметниците. Тој бил врвен на сцена, но големо разочарување зад сцена. Затоа секогаш ќе ги памети прекрасните интервјуа и средби со Карерас, Зубин Мехта, Торд Густавсен, Еса Пека Салонен, Кристијан Јаарви и другите од нивниот ков.


Предавач на летната школа на проф. Романов во рамките на Охридско лето додека била на магистерски студии

Но, никогаш нема да го заборави светскиот тапанар Били Кобам, кој во Скопје требало да одржи концерт со квинтет. Двајца од неговите музичари имале сообраќајна несреќа и не допатувале во Скопје. Но, Кобам не го откажал концертот.
- Светски уметник може да си дозволи и да го откаже концертот, но Кобам на концертите гледа како на светост, без разлика дали настапува во Њујорк или во Скопје. Бев одговорна за неговиот престој кај нас за време на фестивалот. Беше загрижен за она што се случи (за среќа, повредите на неговите музичари не беа толку сериозни), па бараше алтернативно решение за концертот кој беше закажан за утрешниот ден. Тој само ми рече: „Ве молам, само обезбедете ми клавир“. Цела вечер во холот на хотелот „Континентал“ пишуваше аранжмани за трио зашто пред тоа успеа да пронајде слободен контрабасист со кој претходно настапувал и успеа да направи концерт за паметење. И тоа во најтешката формација – трио. Тој е вистински професионалец и во Македонија и секаде – споделува таа.


Од ангажманот на Скопскиот џез фестивал

Додава дека била одушевена од Б. Б. Кинг, кој бил вистински џентлмен и не дозволил таа да стои додека ѝ го потпишувал постерот, туку наредил веднаш да донесат столче, зашто „бонтонот налага дека дамата треба да седне и да ѝ се посвети должното внимание“.
Костиќ-Марковиќ влегла во новинарството благодарение на факултетот.
- Кога се отвори „Телма“ во 1996 година, Дарко Марковиќ беше директор и планираше да ја направи уметничка. Владимир Мандичевски, тогаш уредник во телевизијата, се јавил кај проф. Гоце Коларовски и побарал препорака за студент кој би можел да работи на емисија од областа на операта. Додека јас студирав, Коларовски ми беше асистент, па потоа стана професор. Бил импресиониран од мојата одбрана на дипломската работа и ме препорачал. Така почна мојата приказна во „Телма“, а која се одвиваше речиси две децении низ сите скалила до музички уредник. Да се има директор, а воедно и одговорен уредник како Ристо Лазаров, претставник на стариот добар ков на новинари и уредници, значеше загарантирано постепено и здраво напредување во кариерата, без паушалности и прескокнати скалила – вели Костиќ-Марковиќ, која во овој медиум беше до 2016 година, кога сите уредници и целиот културен сектор беа прогласeни за технолошки вишок.


Со Вера Милошевска на фестивал во Унгарија

Два докторати без завршна одбрана

Во нејзините емисии внимание добиле сите што нешто значат во музиката. Се радува што голем дел од денешните видни инструменталисти, вокални уметници, композитори и диригенти ги следела уште од студентските денови. Таа предавала три години и на новоформираниот Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип. Одела на симпозиуми, каде што го запознала и нејзиниот сопруг, кој исто така е етномузиколог од Белград.


Ал Ди Меола и бил непријатно изненадување на фестивалот

Иако двапати запишала докторат, професионалните и животните премрежиња ја спречиле да докторира.
- Првиот пат не го одбранив поради проблемите со кои се судрив по завршувањето на меѓународниот проект на ФМУ, а за кој веќе говорев во делот кога посочив дека научив каков научник сакам, но и каков не сакам да бидам, а вториот пат на Институтот за фолклор во периодот кога требаше финално да го средам и одбранам вториот докторат, се соочив со предизвикот наречен мајчинство. Сѐ во животот се случува со причина и никогаш не е доцна. Ако решам, ќе го сторам тоа од третиот обид. Мене очигледно учењето и предизвиците ме одржуваат млада – се смее Костиќ-Марковиќ.


Бранка Костиќ-Марковиќ
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема