X
 24.01.2019 Наука

Планетата 9 не е вистинска, но постои нешто чудно на работ од нашиот Сончев Систем

Научниците мислат дека ја откриле причината за мистериозните движења на работ од нашиот Сончев Систем - и тоа не е Планетата 9.

На работ од нашето соседство се чини дека некои објекти орбитираат на необичен начин, што сугерира дека се случува нешто сосема неочекувано, без наше знаење.

Неколку научници сугерираат дека ова може да биде последица на огромна скриена планета, 10 пати поголема од големината на Земјата, што се крие во темнината, во далечните краеви на Сончевиот Систем. Ниту еден ваков објект не бил откриен, но се претпоставува дека поради невообичаениот начин, објектите што ги гледаме се движат наоколу.

planeta 9
Фото: University of Warwick


Но, сега ново истражување предлага сосема поинакво објаснување: постои диск составен од мали ледени тела што заедно се десет пати поголеми од Земјата. Истражувањето објаснува и зошто допрва треба да ја видиме Планетата 9, и покрај интензивната потрага по неа.

- Хипотезата за Планетата 9 е фасцинантна, но ако таа постои, досега избегнала да ја откриеме. Сакавме да видиме дали можеби постои уште една, помалку драматична и можеби поприродна причина за необичните орбити што ги гледаме во некои од далечните објекти. Размислувавме, наместо да се прашуваме дали постои Планетата 9 и да се грижиме за нејзиното формирање и невообичаена орбита, зошто едноставно не ја земеме предвид тежината на малите објекти што претставуваат диск над орбитата на Нептун и да видиме што таа ќе направи за нас? - вели коавторот Антраник Сефилијан од Одделот за применета математика и теоретска физика на Кембриџ.

Научниците ја вклучија оваа можност во модел на нашиот Сончев Систем и открија дека така може да се објасни необичното движење на тие далечни објекти.

Тие велат дека немаат повеќе директни докази за дискот отколку што имаат за Планетата 9. Но, потрагата е комплицирана со фактот што е потешко да се видат својствата на нашиот сопствен Сончев Систем во споредба со она што го гледаме однадвор.

- Кога ги набљудуваме другите системи, често го проучуваме дискот околу ѕвездата-домаќин и на тој начин заклучуваме за особините на која било планета во орбитата околу него. Проблемот е што кога го набљудувате дискот од внатрешноста на системот, речиси е невозможно да се види сѐ наеднаш. Додека немаме директни набљудувачки докази за дискот, ниту имаме за Планетата 9, што е причината зошто истражуваме други можности - вели Сефилијан.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука