Светската здравствена организација (СЗО) објави дека минатата година има вознемирувачки пораст на случаите на сипаници во Европа, каде што имало триесет пати повеќе случаи од претходната година, јави Би-би-си.
Здравствените власти предупредуваат дека случаите се во пораст и дека се потребни итни мерки за да се спречи ширењето. Повеќе од 30 илјади луѓе биле заразени во 2023 година, во споредба со 941 во цела 2022 година.
СЗО смета дека причината за ова е тоа што помалку деца биле вакцинирани против болеста за време на пандемијата на ковид-19.
- Видовме во регионот не само 30-кратно зголемување на случаите на сипаници, туку и речиси 21 илјада хоспитализирани и пет смртни случаи поврзани со сипаници. Ова е загрижувачко. Вакцинирањето е единствениот начин да се заштитат децата од оваа потенцијално опасна болест - изјави Ханс Клуге, регионален директор на СЗО за Европа.
Извор: МИА