Екстремната сиромаштија во Бразил драстично се намалила поради месечна финансиска помош која владата им ја доделува на граѓаните за време на пандемијата на коронавирусот. Сепак, бројот на екстремно сиромашни лица веројатно повторно ќе се зголеми кога државата ќе стави крај на програмата, покажува еден извештај направен од фондацијата „Гетулио Варгас“.
Според извештајот, бројот на Бразилци кои живеат во екстремна сиромаштија паднал на 6,9 милиони во јуни, односно на само 3,3% од целото население. Ова е најмал процент од доцните 1970-ти. На почетокот на годината, 6,2% од населението живеело во екстремна сиромаштија.
Фото: Рио де Жанеиро/Freepik
Според Даниел Дуке, автор на извештајот, не може директно да се споредат бројките поради неодамнешните методолошки промени во базата на податоци на владата, но може да се каже дека тоа е еден од најниските проценти на екстремно сиромашни жители забележани досега. Тој го користел стандардот на Светската Банка според кој секој кој заработува помалку од 1,9 долари дневно е екстремно сиромашен.
Федералната влада од април им доделува 115 долари месечно на работниците во неформалниот сектор и малите бизниси кои се погодени од
пандемијата. Самохраните мајки добиваат двојно повеќе. Просечната месечна плата во Бразил минатата година изнесувала 280 долари.
Фото: Freepik
Експертите велат дека намалувањето на екстремната сиромаштија е само привремено и бројот на сиромашни Бразилци ќе се зголеми по последното исплаќање во рамки на програмата, кое се очекува да биде во август.
Овие месечни додатоци владата ја чинеле над 32 милијарди долари. Министерот за економија на Бразил, Пауло Гуедес, изјавил дека државата не може да продолжи со програмата уште долго. Програмата првично требала да трае до јуни, но претседателот Жаир Болсонаро ја продолжил за два месеци.
Бразил досега има над 2,4 милиони случаи на заразени лица од коронавирусот и 88.000 смртни случаи. Според официјалните податоци, речиси 8 милиони луѓе ги изгубиле работните места за време на првите три месеци од пандемијата.
Автор: Рикардо Колета
Извор:
sfgate.com