Најлуксузниот брод на своето време - „Титаник“ е позната приказна со трагичен крај. Сепак, и по 110 години од трагедијата, интересот за него не стивнува. Бродот инспирирал многу играни филмови, документарци и беше мотив за многу теории на заговор.
„Титаник“ и денес привлекува големо внимание. Бродот кој потона, иако првично се сметало дека не може да потоне, стана исклучително атрактивна туристичка атракција. Симболот на напредокот и гордоста на едно време станува подостапен за јавноста секоја година.
„Мишн спешалистс“ е сосема нова туристичка тура за обиколување на „Титаник“. Компанијата „Оушн гејт“ се занимава со истражување на длабочините во морето. Нивната мисија е слична на онаа на Илон Маск или Ричард Бренсон, со главната разлика што не промовираат патувања во вселената. Компанијата сака да овозможи патувања до дното на морето и океанот, се разбира, за оние што можат да си го дозволат тоа.
Нивната база се наоѓа на околу 600 километри од брегот на Њуфаундленд, на местото каде што потонал „Титаник“. Потонатиот брод се наоѓа на длабочина од 3.800 метри, што во голема мера го отежнува истражувањето бидејќи се неопходни специјални подморници. Затоа „Оушн гејт“ дизајнира нов тип подморница направена од лесни и силни материјали што може да однесе петчлен екипаж до потонатиот брод.
Новата мисија наречена „Мишн спешалист“ првенствено е наменета за научници и истражувачи, но и за авантуристи кои сакаат да го посетат „Титаник“. Најголемиот проблем со туристичката посета на „Титаник“ е цената и засега само оние со подлабок џеб можат да си го дозволат тоа уникатно искуство.
Од компанијата велат дека ќе дојде време кога луѓето редовно ќе одат во вселената по пониска цена, а истото ќе се случи и со одењето во длабочините на морето. Цената на едно патување до „Титаник“ е околу 260.000 евра по лице. Првата цивилна мисија за обиколка на „Титаник“ е закажана за мај 2023 година.
Извор:
Euronews.com
Фото:
OceanGate Expeditions