X
 24.05.2024 Наша тема

Изабела Пан Јакимова, актерка и аниматорка: „Децата се најубава публика, не знаат да мразат освен ако не ги научиле од дома“

Изабела Јакимова, позната и како Изабела Пан, е актерка, писателка, продуцентка и активистка за човекови права која повеќе од шест години работи на едукација со деца и млади.

Добитничка е на Златна плакета за најдобра улога во краткометражниот филм „Донка”, како и за најдобра актерка за дуо-драмата „Ожени ме“ на фестивалот „Бранко Ѓорчев“ во Неготино. Горда е на детската претстава „Рудолф и Елф“, на која е и автор и продуцент, и на шансата да биде прв младински европски амбасадор во Македонија за родова еднаквост и човекови права. Особено се радува за проектот „Мамут“ на тема ХИВ. Еднакво ги сака сите жанрови, но комедијата и детските претстави најмногу ѝ одат од рака. Изабела ја користи комедијата за да даде критика кон општеството, а детските претстави за да ги едуцира децата на најразлични теми. Омилен лик и е Петар Пан поради желбата никогаш да не порасне.
Магистрира применет театар во Нови Сад и последниве години работи како аниматор за деца.



Кога почнаа да те привлекуваат актерството и анимацијата?

- Кога имав 9-10 години, а веќе на 12-годишна возраст одев во детско драмско студио кај Магдалена Ризова Черних, каде што ми се всади љубовта за глумата. Видов дека имам афинитети да се занимавам продукција, режија, организација. Останав на тоа да се занимавам со актерство, да пишувам претстави и да си организирам мои поставки. Анимацијата ми дојде во момент кога немав работа и барав начин да заработам за живот. Дечар сум, сакам деца, сакам да играм со нив и дојдов до идеја да работам по детски родендени.

Од каде наоѓаш идеи и што ти е најголема инспирација?

- Идеите за пишувањето ми се од децата, најголема инспирација ми се тие. Кога ќе седнеш со нив, ти го отвораат нивниот свет. Тие се најубавата публика.

Петар Пан ти е омилен лик?

- Изабела Пан доаѓа од Петар Пан. Тоа ми е омилен лик од детството, таа слобода да летам и да одам каде сакам и желбата никогаш да не пораснам остана со мене од детство и уште ја чувам. Јас имам 26 години и уште го имам тоа дете во себе.



Што научи на студиите по глума?

- Она што го понесов со себе е критичкото размислување што најмногу го добив од неколку професорки и професори. Научив да објаснам каква била претставата што сум ја гледала. Кога започнав да студирам, радикално бев против нашата традиција. Тука, професорката Ана Стојановска ми го отвори погледот да размислам зошто е важно да си ја сакаш својата земја. Дека постои здрав и токсичен патриотизам, и тоа го научив на ФДУ. Можеш да бидеш патриот без насилство и без лоши слогани. Јас верувам дека сум поголем патриот од оние што пропагираат лоши слогани затоа што создавам во мојата држава и создавам на македонски јазик. Објавувам на македонски јазик, живеам тука и ги плаќам сметките тука.

Театарот е древна уметност. Ценет ли е во Македонија, дали е на своето заслужено место?

- Мислам дека не е ценет. На публиката не ѝ е јасно што добива од него. Тоа доаѓа од лошата продукција и од лошите претстави. Ние гледаме нешто што ништо не значи, не понесуваме ништо оттаму, не учиме ништо од претставата, не нѐ поттикнува да размислуваме. Како еден час да си поминал во гледање во празно. Тоа е само лоша продукција на институциите кај нас, на добивање сцени поради пријатели и контакти. Така не можеме да ја научиме публиката на квалитет.
Драмски театар, според мене, продуцира најквалитетни претстави. Театрите не можат да си дозволат да продуцираат аматеризам, тоа ја руши вагата. Национална институција која се занимава со уметност не може да дозволи да продуцира претстава која не е прегледана од театарот.


Што претставува проектот Супер Вселенко?

- Тоа е лик со кој јас ги анимирам и едуцирам децата на различни теми и кој глуми во детски претстави. Имавме претстави за врсничко насилство, како да се грижиме за облеката, за животната средина. Во моментов подготвуваме претстава за деца до 12 години како да се заштитиме од онлајн насилство.

Кои патишта ги користиш за да допреш до младите генерации со оглед на тоа дека тие се постојано на социјалните мрежи и најчесто без родителски надзор?

- Јас не сум обожавател на социјалните мрежи. Она што го постирам е затоа што знам дека тоа е модерниот пат да стигнеш до луѓето. Затоа и тргнав да ја правам кампањата со претставата, откако сфатив дека многу малку родители посветуваат време на квалитетна едукација на децата околу социјалните медиуми. Многу ме нервира кога некој ќе рече: „Моето дете може да го види тоа на интернет и може да почне да го прави тоа“. Но, ти кога му правиш профил на твоето дете на „Инстаграм“, читаш дека треба да има 18 години. Ако ти како родител не го почитуваш тоа, тогаш нема зошто јас да бидам одговорна кога твоето дете ќе дојде до мојата содржина што не е за него. Денешните деца мислат дека се подобри од сите бидејќи се поедуцирани и знаат сѐ поради смартфоните и компјутерите, но не ја гледаат опасноста од класично враќање на непознати профили и лица. Не ја сфаќаат опасноста од ставање фотографии на социјалните мрежи. Интернетот, според мене, ти ја намалува можноста да размислуваш критички.



Дали твојата уметност придонесува да се разбијат некои од стереотипите во општеството и дали со глумата ги зближуваш различностите?

- Верувам дека придонесува. Еден од најзначајните проекти што ги продуцирав беше „Мамутот“, претстава за разбивање стереотипи за лица болни од ХИВ. Мислам дека направивме добра едукација на публиката. Во секој проект вметнувам разбивање на стереотипи и борба против дискриминација, но тоа не го правиме на тацна. Со самото тоа што ќе ги соберам децата во круг и ќе им кажам да се фатат за раце, рушиме стереотипи на различности. Децата се држат во круг и до нив може да има и Албанец, и Ром, и Македонец, и црно, и жолто дете. Не треба ниту да им кажам да го прават тоа. Тие се најискрени, не можат да речат „јас те мразам тебе “. За да мразиш некого, мора да те научат од дома.

Како ти како млад артист инспирираш конструктивни наративи меѓу младите?

- Со самото тоа што ќе зборувам на одредена тема, од 100 луѓе барем двајца да речат „чекај, што зборуваше оваа“, мисијата е завршена. Од 200 деца барем три деца да речат „јас ќе одам на роденден кај моето другарче“, мојата работа е завршена. Ќе се направи група која ќе направи поголеми промени од мене сега. Како помлада, можеби сум имала цел да бидам филмска или театарска ѕвезда, но во моментов целта ми е да влијаам и да создавам групи на луѓе кои во иднина ќе прават големи промени кои навистина ни се потребни.

Во 2020 година беше избрана за млад европски амбасадор, во конкуренција од 72 пријавени. Што мислиш дека промени оттогаш?

- Се надевам дека имам сплотено луѓе меѓу себе, се надевам дека сум натерала луѓе да размислуваат на одредени теми и да истражуваат, без разлика дали се согласуваат со мене.



Може ли да се живее само од уметност и каде сакаш да живееш ти?

- Засега имам начин да опстојам од уметноста, не сакам да се жалам бидејќи го работам тоа што го сакам и што сум го студирала. Моите две омилени работи се келнер и театар и ги работам и двете повремено. Преку лето инсистирам да поработам како келнер затоа што ми е убаво да се мешам меѓу луѓето. Јас сакам да живеам во Гјетхорн, Холандија, да живеам на село и да чувам лами. Зошто лами? Тие плукаат и оној што ќе дојде, ќе го одвратат штом ќе препознаат дека не е добар за мене. Тоа е симболиката.

Фотографија: Иван Наунов

Текстот е подготвен во рамките на проектот „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“, финансиран од Фондот за мир на Обединетите нации и спроведуван од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), УНЕСКО и UN Woman.
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема