X
 24.06.2020 Образование

Ова се најдобрите ученички компании

Четворица ученици од средното училиште „Георги Димитров“ од Скопје, сплотени под името „Саундси“, се победници на Националниот натпревар за најдобра ученичка компанија. На натпреварот учествувале 25 ученички компании од 18 средни школи од земјава.

Ученичката компанија „Саундси“ се занимава со производство и продажба на акустични производи од дрвен отпад од производство на мебел. Во компанијата членуваат: Амелија Ебип, Филип Петковски, Андреј Трајковски и Дамјан Стојановски, под менторство на наставникот Оливер Стојановски.

Звучниците работат без извор на енергија, со едноставно поставување на телефонот во отворот, при што звукот од телефонот се движи само во една насока – нагоре и на овој начин веднаш се зголемува тонот. Мисијата на „Саундси“ е да биде пример за користење обновливи ресурси со почитување на стандардите на стручност, професионалност и етичност на пазарот, создавајќи производи за оние што сакаат да поминуваат време во природа.

Победничкиот проект

Победникот на Националниот натпревар, ученичката компанија „Саундси“, ќе учествува на Европскиот натпревар на ученички компании, кој годинава се одржува виртуелно од 22 до 24 јули со присуство на 40-ина национални победници од земјите-членки на „Џуниор ачивмент Европа“.

Учениците од Гевгелија создадоа еколошка торба

На второ место се најдоа ученици од гимназијата „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија, во компанијата „Солар Бег СБФ“. Учениците (Душко Јанев, Никола Биков, Пепица Јованова, Ангелина Несторова и Слободанка Савиќ), заедно со менторката Јасмина Мицева, понудија иновативно решение „Еколошка торба – SBF (Solar bag for the future)“, која применува термоелектрични ефекти од областа на физиката со цел правилно искористување на енергијата од досега најголемиот и најдолготрајниот извор, сонцето.

Тимот „Сикерс“ со менторката Весна Живаљевиќ

Трето место е за компанијата „Сикерс“ од училиштето „Владо Тасевски“ од Скопје. Тимот: Александар Мишовски, Кристијан Анѓелкоски, Аце Ѓорѓиевски, Дарко Петровски и Дарко Тарчуговски), заедно со менторката Весна Живаљевиќ, понуди платформа која им помага на учениците во изработувањето на практичните вежби кои се задолжителни во трите струки во нивното училиште. Преку видеотуторијали поставени на веб-страницата на училиштето ќе им помогнат на учениците во изработка на потребните вежби и ќе создадат дигитална видеобиблиотека достапна за сите ученици во училиштето.

Беа доделени и награди за најпретприемничко училиште („Владо Тасевски“ од Скопје) и за најдобар наставник – Татјана Голчева од средното училиште „Раде Јовчевски-Корчагин“ од Скопје.

Организатор на настанот е „Џуниор ачивмент Македонија“, поддржан е од УСАИД и Фондот за иновации и технолошки развој.

Подготвил: С.Ѓ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование