Со оглед на тоа што бројот на новозаразени не опаѓа, се чини дека секој од нас познава барем една личност што боледувала од Ковид-19, па сигурно си го поставувате прашањето кога е безбедно да се биде во близина на таа личност.
За потсетување, Ковид-19 се пренесува од едно на друго лице главно преку директен контакт со респираторните капки на заразеното лице и честички што се пренесуваат во воздухот - па така, кога некој кашла, кива, зборува, па дури и пее и е блиску до друг, другата личност ризикува да биде заразена со вирусот. Така, лицето може, но и не мора да развие симптоми. Времето на инкубација трае помеѓу 3 и 14 дена. Во зависност од тежината на болеста, може да бидат потребни една или две недели за личноста да закрепне доколку има полесна клиничка слика или повеќе од шест недели за посериозни случаи за кои може да биде потребна хоспитализација. Долгорочните ефекти на болеста може да траат со недели или месеци.
Центрите за контрола и превенција на болести наведуваат кога е безбедно да се биде во близина на личноста што закрепнала од Ковид-19:
1. Поминале 10 дена од појавата на симптомите;
2. Личноста немала температура (без земање какви било лекови за намалување на температурата) најмалку 24 часа;
3. Симптомите на личноста (како кашлица и отежнато дишење) се значително подобрени.
Важно е да се запомни дека луѓето што закрепнуваат од Ковид-19 и понатаму може да имаат некои симптоми што ќе траат подолго, на пример, отежнато дишење, замор, постојана кашлица или главоболка, вели д-р Вилијам Шанфер, специјалист за заразни болести и професор на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Вандербилт“.
- Тоа не значи дека тие се заразни. На некои луѓе им е потребно подолго време да се вратат во добра физичка состојба - вели тој.
Во други случаи, ако некое лице имало позитивен тест на Ковид-19, но немало симптоми, центрите за контрола и превенција на болести велат дека може да биде покрај други луѓе по 10 дена поминати од правењето на тестот. Секој што има ослабен имунолошки систем можеби ќе треба да остане дома подолго од 10 дена.
За оние што имале близок контакт со лице кое имало Ковид-19, се препорачуваат 14 дена самоизолација (се базира на периодот на инкубација за болеста). Сепак, поради економската тешкотија што ја предизвикува двонеделниот карантин, сега ќе можат да го прекинат карантинот по 10 дена.
За да се заштитите, неопходно е да носите маска и физички да се дистанцирате од другите. Исто така, избегнувајте метеж и редовно мијте ги рацете.
Извор:
Health.com
Фото: Freepik