X
 23.08.2021 Наука

Вакцинирани сте со двете дози - какви се прогнозите ако се заразите со ковид-19?

Повеќето од нас почувствуваа одредена сигурност откако се вакцинираа против ковид-19, но можно е сепак да се заразиме.

Иако ова не се случува често, се проценува дека 0,01 отсто од вакцинираните се заразуваат, па експертите продолжуваат да нагласуваат дека е важно да се вакцинираат во што поголем број, да се носи маска и да се одржува физичко растојание.

Не треба да бидете изненадени


Во клиничките испитувања вакцините („Модерна“ и „Фајзер“) беа 95 отсто ефикасни во спречувањето на болестите, особено тешките форми на болеста, а за векторската вакцина „Астра зенека“, според најновите податоци, ефикасноста изнесуваше 76 проценти. Тие се „спектакуларно ефикасни“, но не се 100 отсто ефикасни. Ова споредете го со годишната вакцина против грип, која е околу 50 отсто ефикасна и, како и секоја вакцина, има и т.н. појава на инфекција.

Друга работа што треба да се има на ум, според д-р С. Визли Лонг, медицински директор за дијагностичка микробиологија во „Хјустон Методист“, е дека клиничките испитувања вклучуваат генерално здрави луѓе кои не се нужно репрезентативни за „реалниот свет“. На пример, тие ги исклучуваат луѓето што немаат нормален имунолошки систем или се на имуносупресивни лекови.

- Се обидувате да ги одредите најдобрите услови под кои ќе функционира вакцината, но кога вакцините ќе стигнат до општата популација, равенката може да се промени - додава тој.

Германскиот епидемиолошки институт „Роберт Кох“ заклучува дека две околности можат да доведат до болест по вакцинацијата: ако пациентот е заразен непосредно пред или во првите денови по вакцинацијата. На телото му требаат околу две недели за да изгради имунолошка заштита. Целосна заштита се постигнува по вакцинација со втората доза.

vakcina
Фото: Freepik

Според некои податоци, постои разлика помеѓу стерилизациски и функционален имунитет. Стерилизациски имунитет значи дека лицето што е вакцинирано никогаш повеќе не може да се зарази. Функционалниот имунитет го спречува или намалува ризикот од тешки симптоми и го скратува периодот на болеста.

Првите анализи на вакцината „Фајзер“ од Израел покажуваат дека оние што примиле две дози од вакцината имаат 92 отсто помал ризик да заразат други.

Така, за оваа вакцина може да се каже дека развива прилично висок стерилизациски имунитет против најчестите варијанти на вирусот. Сѐ уште нема сигурни податоци за сите вакцини, но веројатно е слично и кај другите.

Од друга страна, докажано е дека функционалниот имунитет е гарантиран со сите вакцини - тие го спречуваат или намалуваат ризикот од тешки симптоми и го скратуваат периодот на болеста.

Без разлика дали сте вакцинирани против ковид-19 или не, постојат исти работи што можат да ве изложат на ризик да се разболите и затоа уште од од почетокот на пандемијата здравствените власти велат дека ако не држите дистанца и не носите маски, тоа и понатаму може да претставуваат ризик од инфекција со ковид-19.

Најверојатно ќе имате благи симптоми

Многу луѓе што ќе се заразат откако ќе се вакцинираат, веројатно ќе имаат благи симптоми и ќе закрепнат дома. Податоците од САД покажуваат дека само 0,004 отсто од вакцинираните кога се заразиле барале хоспитализација, а уште помал процент од нив починале. Сепак, ризикот од потешки симптоми е поголем ако имате ослабен имунолошки систем, ако сте постари од 65 години, имате висок крвен притисок или дијабетес или имате прекумерна тежина.

Според Американската медицинска асоцијација, дури една третина од вакцинираните пациенти со инфекција со корона немаат никакви симптоми.

- Клучната работа е дека вакцините се одлични во спречување хоспитализација на сериозно болни луѓе и смрт - вели д-р Лонг.

Можеби сте ранлива група

Многумина имаат ослабен имунитет поради претходно лекување на некои болести, на пример, рак, или имаат автоимуни заболувања, или се постари, што ги става во поранлива група на која вакцината против ковид-19 може да не ѝ обезбеди целосна заштита.

Во едно истражување објавено во списанието „Клиникал микробиолоџи енд инфекшн“, речиси сите пациенти што биле хоспитализирани и биле заразени откако биле вакцинирани, претходно имале дијагностицирани болести како што се хипертензија или дијабетес, и 74 отсто од оние што биле хоспитализирани или починати, имале над 65 години.

Овие луѓе веќе биле изложени на поголем ризик од компликации предизвикани од вирусот.

Како што се појавуваат нови варијанти на коронавирусот, експертите дебатираат дали треба да се советува засилувачка доза за сите имунокомпромитирачки групи и оние постари од 65 години, со цел да се обезбеди поголема заштита на поранливите групи.

1
Фото: Freepik

Сѐ уште треба да се тестирате


- Ако мислите дека сте се заразиле иако сте вакцинирани, или ако мислите дека постои голема веројатност дека сте биле изложени на коронавирусот, треба да се тестирате. Вакцинираните луѓе заразени со вирусот сепак можат да им го пренесат на другите.

Иако повеќето вакцинирани нема да се разболат толку многу, сепак е неопходно да се јавите кај вашиот лекар.

Исто така, треба да продолжите да носите маска и да одржувате физичко растојание.

Кога ќе има јасни докази дека вакцинираното лице не може да зарази други или кога ќе се постигне доволно висок колективен имунитет, вакцинираните лица може да се ослободат од обврската да носат маски или да држат дистанца.

Вакцинацијата е нашата најдобра одбрана против ковид-19, колку повеќе луѓе се вакцинирани, толку е помала веројатноста да се заразите. Вакцинацијата, носењето маска и избегнување метежи значително го намалуваат ризикот.

Колку долго вакцината штити од инфекција?

Засега нема јасен одговор за тоа колку долго вакцините штитат од коронавирусот.

Пред да бидат одобрени вакцините, истражувачите ја утврдиле нивната безбедност.

Во третата фаза од развојот на вакцината, тие ја испитуваа функционалната ефикасност, а за да се утврди колку долго трае имунитетот, потребно е извесно време.

Периодот по одобрување на вакцината се нарекува четврта фаза од развојот на вакцината. Во моментов сме во средината на таа фаза, така што посигурни информации за времетраењето на имунитетот ќе бидат достапни можеби за неколку години.

Извор: B92.net
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука