И покрај предупредувањата на експертите и големите опасности поради користење лоши лозинки што лесно се пробиваат, дел од корисниците сè уште не се опаметиле и пак користат лозинки како 123456.
Секоја година безбедносните компании објавуваат листа со најлошите лозинки со кои корисниците „ги штитат“ своите профили, и овој список, со неколку новитети, горе-долу е сличен секоја година. Мрзливоста и несфаќањето на последиците (кои можат да бидат навистина големи) за својата безбедност се најчести причини поради кои корисниците наместо комплицирани лозинки што лесно можат да се пробијат, користат наједноставни лозинки - лесни за паметење.
Компанијата за управување со лозинки „СпашДата“ објави список со најлошите лозинки за 2019 година, базиран на повеќе од 5 милиони лозинки што во текот на годината се објавуваат на интернет, односно кои протекле по хакерски напади. Извршниот директор на компанијата, Морган Слејн, вели дека со објавувањето на најлошите лозинки секоја година сакаат да ги предупредат корисниците на опасностите што демнат на интернет и дека е потребно да се преземат мерки за заштита на своите профили.
Фото: Getty Images
Тој нагласи дека ситуацијата е малку подобра и дека корисниците со текот на времето почнале да користат покомплексни лозинки, но и хакерите често се чекор пред нив и можат да откријат едноставни алфанумерички обрасци што се користат во обидот да се заштитат профилите.
Најлошата лозинка за 2019 година е 123456, а веднаш зад неа е 123456789. Со користење вакви лозинки не треба да ви биде чудно што хакерите без проблем можат да влезат во вашите профили и да стигнат до вашите податоци. Во однос на минатата година, од компанијата нагласуваат дека меѓу топ-25 лозинки повеќе не се наоѓа donald, но затоа популарна лозинка стана dragon, веројатно од „Игра на троновите“.
Ова е листата со топ-10 најлоши лозинки користени во 2019
година:
1. 123456
2. 123456789
3.qwerty
4. password
5. 1234567
6. 12345678
7. 12345
8. iloveyou
9. 111111
10. 123123