X
 25.04.2022 Наша тема

Филмскиот мост на Милчо Манчевски во мариовското село Зовиќ е светска атракција

Пролетната роса сѐ уште не се разбудила на раззеленетите ридови во Мариово, а колони туристи како мравки се движат низ кривулестите живописни патишта кон Зовиќ, можеби најубавото село во битолскиот дел на најпознатата и најчистата област во Македонија.

Селото Зовиќ е една од најпосетуваните локации во Мариово, пред сѐ поради камениот или од неодамна наречен филмски мост. Селото се наоѓа во Општина Новаци, 50 километри источно од Битола во регионот Мариово, а до него се стигнува преку кривулест асфалтен пат. Патувањето трае долго, но не поради кривините, туку поради тоа што секој километар ве тера да сопрете и да фотографирате или да снимите некој кадар.



- Името на селото е добиено по името на една чешма која се наоѓала во сегашното село Зовиќ, а селаните на тогашно Лениште ја викале Бзовиќ поради тоа што околу неа имало многу боз, што претставува основа на денешното име - велат мештаните во Зовиќ.

Во близина на селото тече Градешка Река, на која се наоѓа една од најимпозантните градби на Балканот. Мостот е изграден во 1955 година, на местото на стариот дрвен мост кој се преполовил кога некој селанец водел претоварена воловска кола. Majсторот Ѓуладин или Џуладин од село Лабуништа, Струшко, и мајсторот Трајко Секирков повторно го изградиле мостот заедно со месното население и селаните од околните села.



Дел од сцените во филмот „Прашина“ во режија на најпознатиот македонски режисер – Милчо Манчевски беа снимени на овој мост, кој потоа стана туристичка атракција редовно посетувана од странски и домашни туристи.

- Камениот мост и старата воденица под него се сведоци на многу љубови, тагувања, среќни мигови и разделби низ историјата. Нам, на мештаните, ни будат неверојатни спомени, но најмногу на младоста и убавите времиња. Фала му на Господ што големиот режисер Милчо Манчевски реши да снима филм и да го прослави овој мост. Сега секоја пролет срцето и душата ми се исполнети кога гледам секојдневно како доаѓаат туристи да нѐ посетат - вели еден 85-годишен жител на селото Зовиќ.



Тој се присети дека бившиот политичар и експретседател на МОК, Васил Тупурковски, прв го открил мостот на Градешка Река, па решил во една кампања оттаму да испрати политичка порака до гласачите, но славата му ја донел култниот режисер Манчевски во 2001 година.
Камените блокови што му ја даваат формата на лак го прават мостот атрактивен за странските туристи, кои ги има најмногу за велигденските и првомајските празници. Чеси, Американци, Полјаци, Срби, Албанци, сите се импресионирани од маркантноста на мостот, енергијата и убавината на воденицата и велат дека ова мариовско село со својата архитектура може да се нарече Тоскана на Балканот.



Под мостот на висока карпа е насликан свети Ѓорѓија, како еден вид остаток на црквата што постоела таму. Фреската на св. Ѓорѓија датира од 1925 година, годината која е впишана заедно со имињата на донаторите. Во фрескосликарството свети Ѓорѓија е поставен на бел коњ со црвеникава наметка, во позиција како го убива змејот. Фреската е обновена во 2006 година од страна на Националниот завод за заштита на спомениците на културата и Битолскиот музеј.

Преку мостот секоја година поминуваат големата велосипедска и планинарската пешачка тура во рамките на фестивалот Mariovo Off-Road Experience, а во летниот период ова е едно од омилените места на туристите кои се разладуваат во чистата вода на Градешка Река.
Убавината на Зовиќ и битолско Мариово тешко може да се раскаже со зборови, таа мора да се доживее, а секој што ќе го посети најчистиот предел во Македонија ќе сфати дека таму времето е застанато, а убавината живее.



Фото: Орце Костов
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема