X
 25.06.2024 Живот

Анемија - класификација, клиничка манифестација и третман

Анемија е состојба која се манифестира со апсолутно намалување на бројот на еритроцитите, односно со намалување на концентрацијата на хемоглобинот и концентрацијата на хематокритот. Како основно мерило се зема хемоглобинската концентрација во крвта.

Според Светската здравствена организација, постојат разлики во дефинирањето на хемоглобинската концентрација, пред сѐ во зависност од полот и возраста на пациентот.
Според Светската здравствена организација, станува збор за анемија доколку:
• хемоглобинската концентрација кај мажи е помала од 130 g/L,
• кај жени помала од 120g/L,
• кај деца помала од 110 g/L.

Фреквентност на анемиите

Анемијата е една од најчестите состојби кај пациентите. Многу често се сретнува во неразвиените земји и во земјите во развој, но не може да се каже дека не е честа појава и кај високоразвиените земји.
Најчесто засегнати се малите деца, и тоа деца до петгодишна возраст, бремени жени, жени во пуерпериум и репродуктивен период, но
честа појава и кај жени во период на климактериум.


Класификација на анемиите



Постојат повеќе поделби на анемиите, но како едни од најчесто користените и најзначајните се морфолошката класификација и етиопатогенетската класификација.

Според морфолошката класификација на анемиите, тие се поделени во 3 групи:
• микроцитни-хипохромни анемии (каде што концентрацијата на MCV е <80fl, MCH e <27pg)
• нормоцитни-нормохромни анемии (каде што концентрацијата на MCV е 80-95 fl, MCH >26pg)
• макроцитни – хиперхромни анемии (каде што концентрацијата на MCV е >95fl).





Според етиопатогенетската класификација, постојат 4 групи:
• постхеморагични анемии,
• анемии поради недостиг на градивни материи за еритроцитите,
• хемолитички анемии,
• хипорегенеративни анемии.



Сидеопенична анемија


Како една од најчесто застапените анемии се среќава анемијата поради недостиг на железо како градивна материја, уште и наречена сидеропенична анемија, која според морфолошката класификација спаѓа во групата на
хипохромна анемија.
Во најраниот стадиум се карактеризира со намалување на резервното железо. Следниот степен, освен тоа што има недостиг на резервното железо, се карактеризира и со намалување на концентрацијата на серумското железо во
крвта, како и со ниско заситување на трансферинот. Во понапреднати стадиуми се карактеризира со намалена концентрација на хемоглобинот, намалена
концентрација на серумско железо и целосен недостиг на резервно железо.

Клиничка манифестација

• Симптоми – слабост, замор, премаленост, темнење пред очи, бучење во ушите, парестезии, срцебиење, раздразливост и главоболка,
• Промени на јазик – атрофичен глоситис (30-40%) – мазен, црвен,без папили, осетлив на контакт со храна,

• Стоматитис ангуларис и рагади (слузниците и кожата во аглите на усните),
• Промена на ноктите – кршливи, конкавни,
• Невралгии, вазомоторни нарушувања и парестезии,
• Обилни менструални крвавења,
• Физикален преглед – бледило, седефест сјај на склери, стоматитис ангуларис, атрофичен глоситис, афтозен стоматитис, тахикардија и понекогаш спленомегалија.

Третман

Третманот треба да се започне веднаш по поставувањето на дијагнозата, но истовремено да се бара и етиолошкиот фактор кој довел до анемијата.
Лекувањето во принцип се изведува со перорални препарати од двовалетно железо (феросулфат, фероглуконат, феролактат). Таквите препарати се
користат малку подолг временски период и тоа околу три месеци по
нормализацијата на хемоглобинската концентрација со цел да се пополнат и изгубените резерви на железо во организмот.
Доколку постои каква било причина која би ја оневозможила
пероралната терапија, како гастрични ресекции, малапсорпции или пациентка во доцна бременост, тогаш се препорачува парентерална апликација на лекот. Може да се аплицира интрамускулно или интравенски.

По интравенската терапија, може да се јават хиперсензитивни реакции, дури и анафилактични реакции, а исто така треба да се напомене дека
парентералната терапија не дава толку задоволителни резултати како пероралната терапија.

Автор: д-р Дивна Ѓеорѓиева. доктор по општа медицина

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот