25.07.2018
Живот
Животот во најврнежливото место на светот
Длабоко во североисточните делови на Индија селаните користат трева за да ги изолираат своите засолништа од дождот. Облаците и вообичаениот изглед на куќите им кажуваат на посетителите дека се наоѓаат во „највлажното место на светот“.
Чудно, но луѓето кои цел живот го поминале во Мавсињар не знаат дека нивниот живописен дом држи Гинисов рекорд по највисок годишен просек на врнежи на земјата.
„Навистина, ова е највлажното место во светот? Не сум знаела“, вели Бини Кинтер, прабаба за која се вели дека има речиси 100 години.
„Кога бев мала, дождот ме плашеше. Ни го правеше животот пекол. Денес на луѓето им е полесно“, вели таа завиткувајќи зелен шал околу своите рамења.
Метеоролозите велат дека локацијата на Мавсињар, која е близу до Бангладеш и Заливот на Бенгал, е причината зошто толку многу врне во ова мало село.
„Секогаш кога ќе се собере влага од Заливот на Бенгал, предизвикува врнежи во селото, што води до тешка и долга сезона на монсуни“, вели Сунит Дас од метеоролошката станица.
Годишните монсунски дождови кои минатата недела го погодија индискиот главен град предизвикувајќи хаос во сообраќајот и поплава на меѓународниот аеродром, се ништо во споредба со она што се случува во ова мало место.
Пред само 30 години во него немало асфалтирани патишта, водовод, ниту електрична енергија, што сезоната на монсуни ја правело исклучително тешка за осиромашените селани. Лизгањето на земјиштата се случува редовно и го блокира единствениот асфалтиран пат. Дождовницата се влева во куќите правени од плитар. Иако повеќето куќи денес имаат електрична енергија, сепак, прекините на струја се практика.
Секоја зима луѓето овде со месеци се подготвуваат за влажната сезона во која и по неколку дена знае да врне постојано без воопшто да се појави сонцето. Ги поправаат своите оштетени покриви. Обезбедуваат дрва за огрев – како извор на светлина и масло за готвење, купуваат брашно и други видови храна, бидејќи за време на највлажните месеци помеѓу мај и јули излегувањето од дома е строго ограничено.
Жените прават прекривки против дожд познати како „кнупс“, изработени од бамбус, пластика и трева, создавајќи оклоп против дожд, кој личи на кора од желка и треба да се носи на главата, да биде доволно долг за да не дозволи дождот да ги водени луѓето од колената нагоре.
Рад (70) дел од зимата и цела сезона на монсуни ја поминува изработувајќи кошници од бамбус, метли и кнупс, кои ги купуваат богатите бизнисмени и потоа ги распродаваат. „Не ги сакам дождовите. Кога врне е досадно да седиш цел ден дома, нервира“, раскажува таа.
Сепак, неколку жители на Мавсињар знаат за рекордот на нивното село и често се расправаат со граѓаните од соседниот град Черапуњ, кои го бараат тоа право. Во текот на поспаните, врнежливи периоди во селото е многу депресивно. Оние што имаат по две куќи, од кои едната е на друго место, обично го напуштаат селото. Други го искористуваат времето за спиење.
Во многу места низ светот кога се менуваат сезоните, обично се одржуваат прослави и фестивали, но не и овде. Запирањето на дождовите луѓето го доживуваат како време за поправки.
„Не одржуваме никакви прослави, ниту фестивали за да го означиме крајот на дождовите. Само почнуваме да ја сушиме облеката надвор“, вели еден од селаните. Изненадувачки, но и покрај проблемите со дождот, повеќето од селаните велат дека никогаш не би го напуштиле својот роден град. „Се разбира дека многу врне, но се навикнавме и само чекаме“.