Пластиката е насекаде. Се наоѓа во најдлабоките делови на океаните и на највисоките планини; истражувачите ја пронашле во стомакот на китовите и во резервите на подземните води од кои пиеме. Секој ден се произведува околу еден мегатон пластика, доволно за да се направат речиси 22 билиони шишиња за вода - и повеќе од 90 отсто од оваа пластика не се рециклирани.
Што можеме да направиме во врска со тоа? Како можеме да ѝ помогнеме на планетата да не се удави во пластика?
Фото: Randy Olson, Nat Geo Image Collection
Решението за ваквиот проблем ќе бара многу идеи, вели Валери Крег, заменик-главен научник во „Нешнл џиографик сосајети“. Добрите идеи можат да дојдат од секого и од секаде. За да навлезат во креативноста на целиот свет, „Нешнл џиографик сосајети“ и „Скај оушнс венчрс“ го создадоа предизвикот „Оушн пластик иновејшн“ за да ги собере идеите од цел свет за тоа како експертите да го решат проблемот со пластичниот отпад.
- Се надеваме дека ќе можеме да ги инспирираме луѓето од различно потекло да ги искористат сопствените ресурси за да се обидат да ги решат проблемите. И можеби да дојдат до нешто неверојатно, нешто трансформативно - изјави Фред Мишел, директор на „Скај оушн венчрс“.
Предизвикот, објавен во понеделникот, е поделен на три дела, секој дизајниран да одговори на различен дел од проблемот со загадувањето со пластиката. Секој дел носи награда со вкупна вредност до 500.000 долари, како и можност за понатамошни инвестиции и бизнис-менторство од „Скај оушн венчрс“.
Иноваторите можат да ги достават своите идеи до 11 јуни. Судии избрани од „Нешнл џиографик“ и „Скај оушн венчрс“ ќе ги изберат најдобрите до почетокот на јули. Ќе се избираат 10 финалисти по дел. Финалистите ќе треба да почекаат до ноември кога ќе треба да ги развијат своите идеи понатаму. Победниците ќе бидат објавени во декември 2019 година.
Првиот предизвик е повик за дизајнирање подобро пакување, на пример, целосно биоразградлива шолја за кафе или пакување за енергетски чоколада што ќе се распаѓа со текот на времето; или „вајлд кард“ идеја што ќе се однесува на различен проблем поврзан со пакувањето. Тимовите можат да ги достават идеите за која било од трите категории.
Вториот предизвик бара креативни бизнис-идеи за нула отпад. Тимовите можат да достават идеи за подобри бизнис-модели или користење технолошки решенија за добивање производи без да се создава отпад од пакувањето.
ТУКА можете да се пријавите и да дознаете нешто повеќе за предизвикот.
Третиот предизвик очекува од дизајнерите и „рударите“ на податоци да го прикажат проблемот со загадувањето со пластика на креативен, интуитивен начин. Целта е да се истакне и ширината на
проблемот. Четири тима-финалисти ќе имаат можност да работат со графичкиот тим на „Нешнл џиографик“ за да ги финализираат нивните визуализации, а еден победник ќе добие награда од 10.000 долари.