X
 25.08.2021 Здравје

Дали она што го јадете може да ве спаси од ковид-19?

Дали добрата исхрана може да ги спаси луѓето од развивање тешка клиничка слика кога ќе се заразат со ковид-19?

Според експертите во оваа област, исхраната е најголемиот ризик-фактор за коронавирус за кој не се зборува доволно.

- Се соочуваме со две епидемии: на дебелина и на ковид-19 - вели д-р Мариела Гланд, која е обучен ендокринолог и нутриционист, живее во Израел и води клиника за дијабетичари.

- Додека трае пандемијата, секој што се грижи за своето здравје треба да направи сѐ што може за да ги подобри факторите на ризик што може да ги контролира, а меѓу нив е и исхраната - вели таа.

Иако правилната исхрана не може да спречи зараза со коронавирусот, оптималното метаболичко здравје може да помогне да се спречи негативното влијание на инфекцијата, покажаа неколку студии. Тоа е така затоа што „добрата исхрана и одржувањето здрава телесна тежина се од суштинско значење за соодветна имунолошка функција, поддршка на отпорност на заразни болести и намалување на негативните последици во случај на болест, вели професор Мона Боаз од Одделот за нутриционистички науки во Школата за здравствени науки на Универзитетот „Ариел“.

- Лошата исхрана, како модерната американска исхрана, со нездрава храна, ултраобработени скроб и евтини масти, предизвикува метаболичка дисфункција што може да биде потенцијална катастрофа во комбинација со коронавирусот - пишува Гланд во е-книгата „Како да се јаде во време на ковид-19“.

Тешките ковид-хоспитализации, третманите на интензивна нега, механичката вентилација, па дури и смртта се поврзани со повисок индекс на телесна маса, соопшти Центарот за контрола на болести.

kovid
Фото: Freepik

Поточно, дебелината ги зголемува шансите за хоспитализација за 76 отсто, покажа Боаз во труд што наскоро ќе биде објавен. Таа вели дека веројатноста за пациентот да биде на интензивна нега се зголемува за 67 отсто, механичка вентилација за 119 отсто и смрт за 37 отсто, според најновите истражувања.

Покрај тоа, истражување објавено во списанието „Плос уан“ на крајот од минатиот месец покажа дека луѓето со високо ниво на шеќер, но на кои не им е дијагностициран дијабетес, исто така се изложени на ризик од тежок морбидитет или смртност од ковид-19.

Истражувачите од Хебрејскиот универзитет во Ерусалим, Технолошкиот колеџ во Ерусалим и универзитетскиот медицински центар „Хадасах“ спроведоа ретроактивно истражување меѓу сите поединци над 18 години што биле осигурани во компанијата за здравствени услуги „Меухедет“ и се заразиле со вирусот помеѓу март и октомври 2020 година.

Од 37.121 лице што биле позитивни на тестирањето, 707 имале тешка болест, а 244 починале.

Нормално ниво на шеќер во крвта кај возрасно лице е 70 до 100 милиграми на децилитар (mg/dL) во крвта по осумчасовен пост. Пациентите со 105-125 mg/dL имале 1,5 пати поголема веројатност да имаат тежок ковид-19 отколку пациенти со шеќер помал од 105. Пациентите со 125-140 mg/dL имале двојно поголема веројатност да развијат компликации.

- Целта на истражувањето беше да се идентификуваат факторите на ризик за тешки заболувања од ковид што може да се третираат претходно - објаснува д-р Михал Шаули-Ахаронов од Технолошкиот колеџ во Ерусалим.

Дебелината, високиот крвен притисок, дијабетесот и многу форми на кардиоваскуларни заболувања се симптоми на основната медицинска состојба наречена отпорност на инсулин, пишува Гланд во својата книга.

- Инсулинот е хормон што му овозможува на вашето тело да ја искористи гликозата во храната што ја јадете. Нормално, ова е здрав и природен процес - нивото на инсулин се зголемува при јадење и се намалува на многу ниско ниво помеѓу оброците. Инсулинот е хормон за складирање и раст и важно е да постои рамнотежа помеѓу високото и ниското ниво. Но, кога јадете храна полна со шеќер и скроб, производството на инсулин може да порасне надвор од контрола. На крајот, вашите клетки стануваат отпорни на инсулин, намалувајќи го неговиот ефект, што предизвикува вашето тело да произведува повеќе, додека самото тело се бори да ја пренесе гликозата (шеќерот) од крвта и клетките - објаснува Гланд.

Високото ниво на шеќер значи дека нема повеќе простор за чување шеќер во клетките на една личност и така шеќерот останува во крвта. Ако некое лице престане да внесува шеќер во своето тело, нивото на шеќер ќе се намали.

Во нејзината клиника, таа успеала да ги ослободи 97 отсто од клиентите од инсулин преку контролирана исхрана. Просечниот клиент губи 8 килограми во првите шест месеци. Покрај тоа, околу 65 отсто од клиентите го нормализираат шеќерот во крвта до тој степен што повеќе не се сметаат за дијабетичари.

Таа се залага за кетогена диета, која вклучува избегнување на сите масла од семе, како што се масло од репка, соја, сончоглед и пченка; избегнување на сите шеќери и сведување на сложените јаглехидрати на минимум.

Боаз, од друга старана смета дека со модифицирана медитеранска исхрана може да се постигне вистинска рамнотежа, а оваа исхрана вклучува риба, јаткасти плодови, хумус, овошје и зеленчук, житарки и маслиново масло, како и ниска процесирана храна.

- Оваа пандемија го истакна влијанието што дебелината може да го има врз имунолошкиот систем - рече Боаз и нагласи дека јавната здравствена политика треба да биде насочена кон подобрување на квалитетот на исхраната, особено кај младите кои имаат многу поголема веројатност да следат здрави практики доколку ги учат од рана возраст.

- Логиката ќе ви каже дека соодветната исхрана е секогаш во ваша корист - вели таа.

Извор: Jpost.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје