X
 17.07.2024 Образование

„Инженерскиот прстен“ како нов поттик за две дипломирани студентки од УКЛО

Меѓу добитниците на високото државно признание „Инженерски прстен“ 2024 се две дипломирани студентки од УКЛО, Елена Стефаноска од Техничкиот факултет – Битола и Теодора Силјаноска од Факултетот за информатички и комуникациски технологии - Битола. Дека доделувањето „Инженерски прстен“ освен признание за најдобродипломираните студенти од инженерските факултети претставува и своевиден поттик за изучување на инженерството и дава придонес за формирање квалитетен инженерски подмладок, компатибилен со развиените земји, потврдуваат и ставовите и размислувањата на дипломираните студентки од УКЛО.

Елена Стефаноска, Технички факултет – Битола

- Признанието „Инженерски прстен“ претставува награда за досегашниот вложен труд, постигнат успех, одговорност и целосна посветеност во текот на студирањето и значајно достигнување за мене, како дипломиран машински инженер. Инженерскиот прстен претставува вреднување на резултатите од моето напредување во текот на студиите и дополнителен поттик за понатамошни надградувања и професионални усовршувања.

1

Ми претставува чест и благодарна сум што мојот инженерски потенцијал беше препознаен од страна на Техничкиот факултет – Битола и потврден со доделување на признанието „Инженерски прстен“ од страна на Асоцијацијата на здруженија на инженери, Инженерска институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери. Тоа што бев дел од церемонијата на доделувањето на ова престижно признание претставува незаборавен спомен, а инспиративните говори на настанот претставуваат охрабрување и дополнителен мотив за да се оправда тоа што сум носител на „Инженерски прстен“.

Со тоа што секоја година еден од носителите на „Инженерски прстен“ е најдобро дипломираниот студент на Технички факултет – Битола, се потврдува успешноста на факултетот во градењето квалитетен инженерски кадар, со што се оправдува и мисијата на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.

Верувам дека доделувањето на признанието „Инженерски прстен“ претставува инспирација за идните студенти за нивно насочување кон инженерските струки и дополнителна мотивација за идните инженери за нивна целосна ангажираност во студиите, со што би бил препознаен нивниот потенцијал, вреднуван вложениот труд и наградувани постигнатите резултати.

Теодора Силјаноска, Факултет за информатички и комуникациски технологии – Битола

- Да се биде дел од ваков прекрасен настан, каде што им се оддава признание на млади луѓе кои се успешни и достигнале високи резултати во инженерската област, а посебно да се биде и еден од добитниците е исклучително прекрасно искуство, искуство кое влева надеж за нас младите кадри дека вложеното во знаење секогаш се исплаќа. 

2

Ова беше еден прекрасно организиран настан како за нас така и за нашите родители, затоа што нашиот успех за нив е уште поголем успех. Воедно и дружбата со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, министерката за образование и наука Весна Јаневска, министерката за енергетика Сања Божиновска, претседателката на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, претседателката на Асоцијацијата на инженери на Македонија и другите добитници при приемот во претседателската вила ми даде уште поголем мотив и инспирација да продолжам да се градам и да напредувам, како во науката така и во практиката. Би сакала да изразам особена благодарност до мојот матичен факултет - Факултетот за информациски и комуникациски технологии, посебно до деканот проф. д-р Благој Ристевски и другите професори, како и до ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола, проф. д-р Игор Неделковски, што ми ги пренесоа своите знаења и го препознаа мојот потенцијал! Уште еднаш од срце искрена благодарност до сите што беа вклучени во овој процес од почеток до крај!

Со добиеното признание наградените дипломирани студенти се членови на Клубот од 229 најдобри инженери. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод доделување на признанието „Инженерски прстен“ што се одржа на платото пред црквата „Свети Климент и Пантелејмон“- Плаошник во Охрид, ја нагласи исклучителната важност на инженерството во градењето на нашата држава и нејзиното приспособување на глобалните дигитални трендови.

Инаку, „Инженерскиот прстен“ претставува круна од дабови лисја на чиј врв се наоѓа знакот на инженерската институција. Дабовите лисја ги претставуваат честа и достоинството, а ѕвездата го симболизира знаењето како синергија од сите инженерски дисциплини.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование