Дали знаете која коцкарска игра се нарекува игра на ѓаволот? Рулетот, затоа што збирот на сите броеви е 666, односно бројот на ѓаволот.
Постојат различни легенди за тоа како настанал рулетот. Некои тврдат дека го измислил самиот ѓавол. Постои и мислење дека ја измислил свештеник кој се самоубил кога го видел збирот на броевите. Рулетот исто така му се припишува на грчките и римските војници.
Исто така, дизајнот на рулетот му се припишува на филозофот и математичар Блез Паскал во XVII век, до што дошло случајно, при обид да се создаде друга машина. Веројатно ни сам не очекувал дека направил машина која ќе уништи толку животи.
Од тогаш само расте и расте страста кон него. Најлесно е да се оди во казино и да се замислува дека сето тоа е бајка. Секако, лажен сјај.
Долга листа на познати коцкари
Во коцкањето не е важно на кој слој од општеството припаѓате и колкав е вашиот коефициент на интелигенција. На тоа сведочи и фактот што низ историјата многу славни владетели, научници, државници, уметници и арамии биле страстни
коцкари.
Научникот Џироламо Кардано бил италијански ренесансен математичар, физичар, пронаоѓач и коцкар. Најпознат е по неговите достигнувања од алгебрата, но бил и страстен коцкар и шахист. Дури и напишал книга за игрите на среќа. Книгата ја содржи првата систематска пресметка на веројатностите, како и поглавје за успешни методи за мамење.
Познат коцкар бил и влијателниот француски ренесансен писател Мишел де Монтење кој важи за пионер на она што денес се нарекува модерен скептицизам. Тој имал големо влијание врз писателите и филозофите, од кои еден бил и татко на модерната филозофија - Рене Декарт. Декарт бил научник и филозоф, но исто така бил и професионален коцкар.
Чарлс II бил познат по тоа што ја обновил англиската монархија, а меѓу народот бил познат како „Весел крал“ поради големата љубов кон жените, но и затоа што живеел активен коцкарски живот. Игрите на среќа во неговото кралство станале центар на општествениот живот.
За Казанова се зборувало дека немало нешто за кое не бил способен, па така постојано бил присутен во коцкарските игри. Во 21-та година Казанова ја донел одлуката да стане професионален коцкар, но за брзо предност дал на другите професии сфаќајќи дека немал среќа и дека не можел да се контролира.
Не треба да се заборави веселото друштво од дивиот запад Док Холидеј и Вајат Ерп. Док Холидеј бил доста образован човек, знаел неколку јазици, имал манири, и благодарение на неговиот имиџ и високата интелигенција, станал успешен коцкар.
Клод Моне
Моне во 1891 година добил 13.540 долари на француска лотарија што му овозможило целосно да се посвети на сликањето.
Истата година најпознатиот британски коцкар и измамник Чарлс Девил Велс, син на познатиот поет Чарлс Велс, освоил два милиони франци во казиното во Монте Карло. Неговиот подвиг бил мотивација за Чарлс Коброн да го опее во песната „The man who broke the bank at Monte Carlo“.
Буковски се обложувал на коњи. Тој дури во една песна напишал дека на погребот не сака никаков говор, освен ако сакаат да споменат дека бил успешен во обложување на коњи.
Сепак, веројатно најпознатиот коцкар, за кој сведочи и името на неговиот познат роман, бил големиот Фјодор Михајлович Достоевски. Интересен е фактот што на една табла во Висбаден, каде живеел и работел, сè до 2013 година пишувало: „Ф.М.Достоевски должел...“ (се смета некаде околу 250.000 денешни евра). Но, во 2013 година познатиот руски бизнисмен и сопственик на фудбалскиот клуб Челзи, Роман Абрамович, го платил долгот и наредил да се тргне таа срамна табла, додавајќи дека Достоевски никому ништо не му е должен.