X
 26.05.2022 Наша тема

Кога бев студент со Владимир Четкар: Убавината од студирањето на „Беркли“ се стекнатите пријателства

Владимир го наследил прекарот Четкар од дедо му и татко му, кои се занимавале со правење четки. Иако како дете и тој научил како се прават четки, ја избрал музиката за своја професија. За упис на факултет полагал со снимена касета и имал практичен испит во летната школа на „Беркли“ во Перуџа, Италија
 
Како дипломец на престижниот колеџ за музика „Беркли“ во Соединетите Американски Држави, нашиот истакнат џез-музичар Владимир Василески-Четкар во изминативе 20 години постојано е на релација Македонија-САД, надградувајќи го своето музичко резиме. Охрид е неговиот роден град, додека голем дел од времето поминува и во неговиот музички дом Њујорк. Тој уште во 1996 година заминал за „Беркли“, тогаш бил единствен Македонец таму, и во 2001 година дипломирал на насоката модерна продукција, аранжман и џез-гитара со кум лауде.
 
- Тогаш, но и сега тоа е најатрактивна насока, а воедно и најтешка, па затоа на крај многу малку луѓе дипломираат. Но, поентата беше да научам нешто што го нема тука. Тоа е место со најголем број странски студенти, околу 75 %, а преостанатите се од Америка, што е многу интересно - вели Четкар.
 
Владимир го наследил прекарот Четкар од дедо му и татко му, кои се занимавале со правење четки. Иако како дете и тој научил како се прават четки, ја избрал музиката за своја професија.
 

Во рубриката „Кога бев студент“, која ја креираме во соработка со „Пивара Скопје“, го навративме на факултетските предавања, дружења, предизвици.

 
За приемниот испит се подготвував со учебници порачани од Ротердам
 
Четкар вели дека токму немањето пристап до интернет и мобилни телефони кога тој растел му овозможило да ги развие фантазијата и креативноста, што на некој начин и го навестило креативниот пат на неговиот професионален живот. Како ученик секогаш бил одличен и со голем ентузијазам за учење и дружба. Кога дошло време да студира, Македонија не нудела место каде што може да се изучува џезот, па Четкар се решил за престижниот „Беркли“.
 
- Имам одлични спомени од мојата претшколска возраст и се чувствувам привилегиран што растев во една толку питома средина и време каде што безгрижното детство и спокојната старост беа секојдневие. Основното училиште го завршив во „Григор Прличев“, а основното музичко училиште во „Методија Патчев“, и двете во Охрид. Средното образование го завршив во охридската гимназија „Св. Климент Охридски“. Во осмо одделение ѝ се посветив на гитарата, почнав, ако би можел да кажам, „посериозно“ да свирам. Имено, имавме бенд со мои другари и веќе во трета година гимназија сфатив дека сакам сериозно да се занимавам со тоа.
 

Во тој период во Македонија и во поширокиот регион не постоеше место каде што можеше да се изучува џезот. Во Бостон заминав да студирам на колеџот за музика „Беркли“ веднаш по успешната аудиција што ја имав во Перуџа, Италија, организирана од страна на овој универзитет. За приемниот испит се подготвував самостојно, со учебници кои ги нарачавме од музичкиот конзерваториум во Ротердам, кој работеше според програмата на „Беркли“. Се потпирав исклучиво на себе бидејќи немаше некој што можеше да ме насочи и советува. Се подготвував во текот на целата четврта година од средното образование и не беше лесно, бидејќи во тој период интернетот беше во зачеток и сѐ работев интуитивно. Се полагаше со снимена касета и со практичен испит, кој го полагав во летната школа на „Беркли“ во Перуџа, Италија.

 
За да ја задржам стипендијата, морав да бидам во тек со конкуренцијата
 
Знаејќи ја жртвата што тој и неговите родители ја правеле за да замине на студии во САД, Четкар максимално сериозно му се посветил на студирањето, а неговиот труд се исплател со оглед на тоа што дипломирал во редовните пет години, и тоа без ниту еден паднат испит. Носталгијата за родниот крај секогаш постоела, но Четкар на „Беркли“ бил опкружен со неверојатни музички таленти и токму желбата да се биде подобар од конкуренцијата и да опстои на таа сцена го држела постојано мотивиран.
 
- Првата година од студиите живеев во студентскиот дом, а потоа, поради финансиски причини, се преселив во стан кој го делев со двајца други студенти. Имав доста тешки моменти на почетокот од моите студии со кои морав да се изборам. Оддалеченоста од моето семејство ми паѓаше многу тешко, а од друга страна, за да ја задржам и зголемам стипендијата, морав секојдневно да бидам во тек или чекор пред конкуренцијата. Истовремено работев во „Беркли перформанс центарот“ каде што малку заработував, но исто така имав и бесплатен влез на сите концерти. Сепак, вистинскиот предизвик дојде по дипломирањето, кога се соочив со реалноста на музичката индустрија која константно се менува и дава малку простор и шанса за да испливаш на површина и да почнеш да заработуваш како самостоен уметник.
 

Во Бостон студирав 5 години и бев 100 отсто фокусиран на изучувањето на тајните на аранжирањето, оркестрацијата, продукцијата и џез-гитарата. Никогаш не сум паднал на испит, бев премногу посветен и сериозен со моите студии, времето беше драгоцено бидејќи бев свесен за жртвата што ја правевме јас и моите родители за да можам да ги завршам студиите на „Беркли“.

 
Со моите колеги ги спојувавме дружењето и учењето
 
Страста за добрата музика е тоа што ги обединувало Четкар и неговите колеги на „Беркли“, кои постојано твореле, се подготвувале за испитите, оделе на забави, а тие пријателски односи и денес постојат. На младите, идни студенти тој им порачува првенствено да се стремат да станат вистински професионалци, а популарноста да им е секундарна бидејќи само така ќе го вратат системот на вредности. Исто така, ги советува дека највредните и најубавите работи во музиката се случуваат офлајн.
 
- Имаше различни испити, оние за инструментите ги подготвувавме во малечките соби за вежбање кои се наоѓаа во рамките на колеџот и кои беа звучно изолирани. Проектите со кои требаше да ги положиме часовите за продукција, аранжирање и оркестрација беа студиски и најтешки по обем на работа, а се подготвуваа и дома, и во собите за вежбање, и во студио. Со моите колеги ги спојувавме дружењето и учењето така што заедно свиревме во ансамбли, работевме на проекти и одевме на студентски журки, кои не беа многу чести, но доволни. Една од најубавите работи што ги добив од моето студирање во „Беркли“ се пријателствата. Речиси и да нема место и земја каде што немам колеги од моите студентски денови, а поради природата на мојата работа која е поврзана со многу патувања, со многу од нив сум во контакт, а со некои често соработувам и денес.



Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема