X
 29.11.2021 Живот

Ако Кина го следеше пристапот кон пандемијата од Западот, ќе се соочеше со катастрофални последици

Дека Кинезите не се угледуваат на западните земји во борбата против пандемијата, покажува и нивната политика на нулта толеранција кон ковид-19, поради што не ги полнат светските наслови со црни бројки.

Кина би можела да се соочи со повеќе од 630.000 случаи на ковид-инфекции дневно доколку се откаже од политиката на нулта-толеранција и ги укине патните ограничувања и се придржува до западните пристапи, покажа студијата на математичарите од Универзитетот во Пекинг.

Во извештајот што го објави кинескиот Центар за контрола и превенција на болести, математичарите велат дека Кина не може да си дозволи да ги укине ограничувањата за патување без поефективни вакцини или специфични третмани.

- Нашите резултати јасно предупредија дека засега не сме подготвени да прифатиме „отворени“ стратегии засновани само на колективен имунитет предизвикан од вакцинацијата, за кој се залагаат одредени западни земји - велат научниците.

pandemija
Фото: Wikipedia

Математичарите предупредија дека нивните процени се засноваат на основни аритметички пресметки и дека се потребни пософистицирани модели за проучување на еволуцијата на пандемијата доколку се укинат ограничувањата за патување.

На пример, ако Кина усвои стратегија за пандемијата како онаа на САД, дневниот број на нови случаи би достигнал најмалку 637.155, се вели во извештајот.

Ако го применеше истиот пристап како Британија, дневниот број на случаи би достигнал 275.793, а ако ја следеше Франција, ќе достигнеше 454.198 случаи дневно.

Кина одржува политика на нулта-толеранција кон ковид-19 велејќи дека  сузбивањето на локалните случаи кога се откриваат ја надминува тешкотијата предизвикана од напорите за пронаоѓање, изолирање и лекување на заразените. Кина објави 23 нови случаи на коронавирус на 27 ноември, што е помалку од 25 дена порано, соопшти во неделата нејзиниот здравствен орган.

Светската здравствена организација (СЗО) во петокот ја одбележа новата варијанта на ковид-19 откриена во Јужна Африка како загрижувачка, што поттикна некои земји да воведат ограничувања за патување.

Извор: Zimo.dnevnik.hr
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот