Факултетот во Портсмут, Велика Британија, соопшти дека во тамошниот вивариум се родени 14 бебиња бразилска змија боа, кои се пример на партеногенеза, односно природен облик на асексуална репродукција во која ембрионите се развиваат без оплодување.
Појавувањето на бебињата било изненадување поради две нешта. Прво, вработените на колеџот мислеле дека змијата со име Роналдо е мажјак, а второ, овој рептил долг 1,8 метри не бил во контакт со друга змија најмалку девет години. Од колеџот го нарекле „чудесно раѓање“, но објаснуваат и дека всушност станува збор за редок пример на партеногенеза, која е вообичаена кај билки и некои животни, но се смета дека ова е само трет ваков случај забележан кај бразилска боа.
- 50 години одгледувам змии и никогаш порано не се случило ова. Роналдо изгледаше подебел од обично, како да изел некој голем оброк, но ниту за момент не помисливме дека тој, или да кажеме таа е трудна - истакна Пит Квинлан, специјалист за рептили.
Тој се грижел за Роналдо во текот на изминатите 9 години и 13-годишната змија, за која ветеринар рекол дека е мажјак, била многу популарен жител на колеџот во текот на изминатите две години.
Според зоолошката градина во Дадли, повеќето змии боа раѓаат околу 12 до 15 бебиња, иако е забележано легло од 35 бебиња.
Младите змии обично се раѓаат околу шестиот месец по парењето и почнуваат да се хранат кога ќе наполнат 10 дена. При раѓањето се долги од 38 до 50 сантиметри, а во првата година достигнуваат должина од 1,2 метри. Женките се поголеми од мажјаците.
Извор:
Guardian
Фото: City of Portsmouth College