X
 09.05.2018 Живот

Излегуваат змиите - Колку отровни змии има во Македонија и како да реагирате доколку ги видите?

Змиите се плашливи и не напаѓаат без причина, т.е. ако не се загрозени. Доколку видите змија, само повлечете се, брзо ќе побегне, објаснуваат нивните проучувачи. Доколку, пак, се случи да ве касне, веднаш побарајте лекарска помош за да ви дадат противотров. Се препорачува децата да не играат во израснати треви каде што може да се појави змија. Сега е период кога змиите се будат. Во урбаните средини најчесто може да се видат поскоци, кои се отровни, или безопасните водни змии.

Имаме три вида отровници


Кога ќе видат змија, луѓето обично реагираат подраматично.

– Не треба да се прават драми. Змиите се плашат повеќе од нас. Тие не се агресивни, меѓутоа, напаѓаат кога се во небрано. Кога ќе видите змија, нема потреба да ја удирате или убивате. Но, ако се случи да ве касне, треба веднаш да побарате лекарска помош – советува Весна Сидоровска, херпетолог или проучувач на водоземци и влекачи од Природонаучниот музеј на Македонија.


Поскок

Змиите ги има на планините, во карпи и под големи камења и високи треви. Тие живеат и тука, меѓу нас. Сега излегуваат да се сончаат, се преслекуваат, т.е. ја менуваат кожата и се парат, па затоа и почесто ги забележуваме.

Во Македонија има 16 вида змии, од кои два се водни, а три се отровни.

Отровниот поскок може да се познае по рокчето на главата, а тој и најчесто се забележува во урбаните средини, т.е. пониско, зашто живее на простори до 500 метри надморска височина. Оваа змија меѓу луѓето е позната и како камењарка и е поенергичен вид змија.

Над шумската зона отровни се шарката и остроглавата шарка.

– Луѓето често забележуваат и водни змии. Тие освен што пливаат, одат и подалеку од водата. Не се агресивни – вели Сидоровска.


Остроглава шарка



Шарка

Помош на 195

Змиите учествуваат во синџирот на исхрана. Ако се уништи една негова нишка, се намножуваат други видови, па се нарушува рамнотежата.

– Најдобра препорака е да гледате каде одите за да не ја згазнете змијата, па да ве нападне – вели Сидоровска.

Оние што ќе видат змија во својот двор или во домот може да се јават на телефонскиот број 195, Центар за управување со кризи.

Не кревајте паника ако ве касне

Во скопската служба за брза помош -194 има серум антивипериум, познат како противотров за змии, вели раководителката д-р Милица Бубало. Таа објаснува дека тој треба побрзо да се прими во случај на каснување од змија, но не треба да се крева паника.

– Треба да се реагира смирено и без паника. Имено, во случај на паника срцето работи побрзо и се зголемува циркулацијата, па така и отровот се шири побрзо. Исто така, не треба да се трча, туку да се остане што е можно помирен – вели д-р Бубало.
Подготвил: Наташа Бошковска-Златкова

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот