X
 29.10.2023 Наука

Уништувањето на шумите се зголемува и покрај ветувањата на државите

Глобалното уништување на шумите се зголемило за 4 отсто во 2022 во споредба со претходната година, покажува нов извештај. Во 2022 година светот изгубил 6,6 милиони хектари шума, што е површина поголема од онаа на Швајцарија.

Извештајот бил објавен од повеќе научни организации и граѓански здруженија, вклучувајќи ја и фондацијата Светски фонд за природа. Тој покажува дека земјите не ги исполнуваат дадените ветувања за намалување на уништувањето на шумите.

Повеќе држави, компании и инвеститори јавно ветија дека ќе работат на целта да го забават уништувањето на шумите и да вратат дури 350 милиони хектари уништена шума до крајот на 2030 година. Меѓутоа, светот е далеку од постигнувањето на оваа цел, според извештајот. Најголеми уништувачи на шумата се агрикултурата, изградбата на патишта, пожарите и комерцијалното сечење на дрвја.

- Сите овие ветувања беа дадени за запирање на уништувањето на шумите, за финансирање на заштитата на шумите. Но, можноста за напредок ни поминува од година на година - вели Ерин Матсон, која е дел од авторите на извештајот.

Таа додава дека уништувањето на шумите треба да се намали за 27,8 отсто до крајот на 2023 година за да се исполнат ветувањата.

Извештајот покажува и некои позитивни промени. Вкупно 50 земји низ светот работат на запирање на уништувањето на шумите. Бразил, Индонезија и Малезија, каде што се некои од најголемите прашуми во светот, исто така направиле напредок.

Извор: Phys
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука