Министерот за култура Хусни Исмаили изјави дека не чувствува одговорност за настанот од петокот вечерта во Македонскиот народен театар кога во продолжение на одбележувањето на Денот на албанската азбука се одржал настан на кој прославувале навивачите на ФК „Скупи“ – „Шверцери“, по што е оштетен инвентарот во гледалиштето на театарот, јави МИА. Рече дека Министерството за култура не било организатор на настанот, туку е поддржувач на настан што се одржал во простор на Министерството и дека не може да ги контролира сите настани и однесувањето на луѓето што присуствуваат. Тој ден имало два настана, бил поканет, но не можел да присуствува поради обврски со министерскиот форум за култура.
- Министерството за култура или јас лично не чувствувам вина бидејќи за ова е одговорен организаторот, директорот на таа институција. Во најмала рака ни тие не се многу одговорни зашто не можеме сѐ да контролираме, не пр., како ќе се однесува секој поединец во некоја јавна институција на некој настан. Добив известување дека нешто се случило, но овие неколку дена цело време сум со министерот од Кина - изјави Исмаили на прашање дали ќе понесе одговорност за демолирањето на МНТ.
Исмаили заедно со министерот за култура на Кина, Луо Шуганг
Како што рече, вакви настани имало порано и ќе ги има во иднина и дека тој или Министерството не може да ги контролира сите настани и сите гости што ќе дојдат и што ќе направат. Рече дека штетата треба ја надоместат тие што ја направиле.
- Најпрво да се утврди штетата и кој ја направил, тој да ја надомести. Спротивставени се изјавите дека имало штета, дека немало штета, кој бил организатор. Работите се многу испреплетени и нејасни, барем за мене. Има закони и институции и ако има прекршување на законот, сите да си понесат одговорност. Министерството за култура, т.е. конкретно јас не сум организатор на тој настан - рече Исмаили.
Додаде и дека наместо да се интересираат за убав настан каков што е министерскиот форум, новинарите поставуваат прашања како за јавен обвинител кој треба да најде виновници и да пресудува за нешто за кое тој има најмалку вина.