Годината што измина беше многу драматична, полна со тешки катастрофи, некои природни, некои предизвикани од луѓето. Сепак, не треба да се заборави дека се случија и некои многу важни, позитивни работи.
1. Првпат во историјата е намален бројот на сиромашните
Во септември Институтот „Брукингс“ соопшти дека првпат откако се води евиденција повеќе од половина од луѓето во светот не се сиромашни, туку се припадници на средната класа или се богати. Под поимот припадник на средна класа главно се подразбираат оние што можат да си дозволат патување, кино, театар, можат да си купат автомобил…
Фото: Pixabay
Процентот на луѓе што живеат под границата на сиромаштија падна од 36 отсто во 1990 година на околу 9 отсто годинава, пренесува „Блиц“.
2. Се обновува озонската обвивка
Според најновата процена за состојбата на озонската обвивка, горниот слој над северната хемисфера веројатно ќе биде целосно обновен до 2030 година, а целиот слој до 2060 година, велат ОН. Експертите сметаат дека тоа е исклучителен пресврт кој покажува што сè е можно кога ќе се преземе глобална акција, пишува „Позитив њуз“.
3. Горилите веќе не се критично загрозени
Планинските горили се отстранети од листата со најзагрозени видови. Последните податоци покажуваат дека нивниот број се зголемил од 620, колку што имаше во 1989 година, на околу илјада. Во 90-тите години организациите за заштита на дивите животни почнаа големи акции што вродија со плод. Горилите беа на работ на изумирање, најмногу поради ловокрадците.
Фото: Pixabay
4. Херат исчистен од мини
Авганистанскиот регион Херат годинава конечно е целосно исчистен од мини, од кои голем број се поставени уште во 80-тите години од минатиот век. Години подоцна луѓето ги губеа животите кога ќе ги нагазеа. Но една британска група деминери, по една деценија работа, конечно го исчисти регионот од мини.
5. Намален брoјот на самоубиства
Според „Економист“, глобалната стапка на самоубиства паднала за 38 отсто во споредба со 1994 година, која важеше за година со рекордно многу самоубиства. Меѓутоа, постојат и исклучоци, како САД, каде што стапката на самоубиства и натаму е во пораст.
Фото: Pixabay
6. ЕУ ги спасува пчелите
Во април ЕУ се согласи да забрани група инсектициди што се поврзани со драматичното намалување на бројот на пчели. Експерти од 28 држави се договорија да ја забранат употребата на три отровни неоникотиноиди, по шест години откако Европската агенција за безбедност на храната заклучи дека тие хемикалии се штетни за пчелите.
7. Индија ја декриминализира хомосексуалноста
Врховниот суд во Индија ја укина забраната на сексуални односи меѓу луѓе од ист пол. Тој закон постоеше уште од времето на колонијализмот. Геј-сексот повторно стана кривично дело во Индија во 2013 година. Но Врховниот суд гласаше за смена на овој закон во септември, носејќи одлука дека хомосексуален сексуален чин „меѓу полнолетни возрасни лица“ не е злосторство.
Фото: Pixabay
8. Забранет комерцијален риболов на Арктикот
Меѓународен договор забрани комерцијален риболов на Арктикот. Со оглед на тоа дека топењето на мразот создава нов потенцијал за експлоатација на Арктикот, забраната потпишана во октомври има цел да го заштити поголемиот дел од кревкиот екосистем. Комерцијален риболов ќе биде забранет на значителен простор на Арктикот, согласно договорот потпишан во Гренланд.
Извор: МИА