X
 27.04.2021 Забава

Жители на Тајван се венчале 4 пати во 5 седмици за да добијат повеќе слободни денови

Жители на Тајван, кои се венчале минатиот април, успеале да извлечат најмногу од својата венчавка. Тие го измамиле системот за да добијат повеќе денови за одмор.

Се венчале четири пати, а се развеле три пати за само 37 дена. Тие искористиле дупка во законот, според кој сите младенци добиваат осум слободни дена од работа.

Со тоа што се венчал четири пати, младоженецот добил 32 слободни дена. Но банката сепак не ги прифатила барањата за платен одмор на младоженецот, а за тоа била казнета бидејќи младоженецот ја тужел. Казната за банката била поништена месецов откако од одделот за труд во градот Тајпеј изјавиле дека градот ќе го смени законот за да спречи слично искористување.


Фото: Pixabay

Светските медиуми известуваат дека тие првпат се венчале на 6 април минатата година, а се развеле на 16 април, односно десет дена подоцна. Се венчале по втор пат веќе следниот ден, на 17 април, но повторно поднеле барање за развод на 28 април.

Тие го повториле овој циклус уште два пати и се венчале на 29 април, па се развеле на 11 мај, веројатно за последен пат. Потоа се венчале повторно на 12 мај.

Тајван не е единствената земја што законски гарантира слободни денови за младенците. Малта им доделува два слободни дена на младенците, а во Виетнам и во Кина младенците често бараат три слободни дена од работа по венчавката.

Автор: Шерил Тех
Извор: insider.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Забава