X
 27.07.2022 Живот

На 27 години ги имал посетено сите земји во светот, па сфатил дека сака да работи во канцеларија од 9 до 17

Сал Лавало на 27 години стана најмладиот човек во историјата што ги посети сите 193 земји во светот, по што ѝ се врати на канцелариската работа.

Тој е роден во САД, мајка му е Германка, татко му Италијанец и од нив ја наследил желбата за патување. Татко му пристигнал во САД со брод кога бил млад, а мајка му е родена Американка која многу лета минувала во Германија. Додека растел, семејството патувало низ Америка и посетило 44 држави. По дипломирањето Лавало три години работел во консултантска компанија на Блискиот Исток, а идејата да ги посети сите земји во светот се родила токму од работата што го испратила низ светот. Во еден момент тој се откажал од работата и одлучил да патува шест месеци.

Во повеќе од 100 земји влегол по копнен пат, во 15 од нив престојувал повеќе од два месеца, а 50 ги посетил најмалку двапати. Најдолго останал во Обединетите Арапски Емирати бидејќи тие му станале „постојана“ адреса во 2012 година, а најкратко останал во помалите европски земји  - Луксембург, Лихтенштајн и Монако.


Лавало успеал да влезе во сите земји и вели дека имал чиста среќа затоа што не му била одбиена ниту една виза, дури и за земји познати по тешкото влегување како Ангола, Туркменистан и Либија. Неговото прво патување било со татко, му во Јапонија и во Кина во 2004 година, а последната земја што ја посетил била Малта, каде што неговите родители и пријатели му се придружиле за да го прослават достигнувањето, пречекувајќи го со 193 балони и торта во форма на планетата Земја.

Што научил за време на патувањата?


Кинескиот интернет е побрз од американскиот, најголеми порции храна има во Италија и во Аргентина, а најмали во нордиските земји, но тие земји имаат и најдобра вода за пиење од чешма. Најдобро се танцува на сока музика на карипскиот остров Тринидад, во Источна Африка или во ноќните клубови во Берлин и Париз. Најпријателски настроени се Алжирците, Сиријците, Танзанијците и Тиморците, но со луѓето можете да се поврзете насекаде, па дури и во Северна Кореја.


Најчисти се улиците во Токио, а во Кигали, главниот град на Руанда, постои месечна обврска за чистење во која учествува целата заедница. Најгруби келнери има во Европа. Можеби најважно, Лавало вели дека најголемата предност на патувањето е што мораме да размислуваме и да се однесуваме на одредени начини.

- Сметаме дека нешто е правилно или погрешно бидејќи така ни вели нашата култура и нашето општество, но друга култура би го видела тоа на сосема поинаков начин. Ако патувате со отворен ум, не судејќи ги работите што ги забележувате, туку учите за нивната цел и основа, тогаш почнувате да ги разоткривате слоевите на сопственото условување и вашата хуманост додека се поврзувате со човечноста на другите - пишува тој на неговата веб-страница.

Далеку од социјалните мрежи


Во свет каде што сѐ се објавува на интернет, Лавало е против претераното фотографирање на дестинации.


- Мислам дека е забавно да се шета со камера низ град или на друго место, да се бараат убави места, да се прават видеа или да размислува за приказни што можат да се раскажат, но мислам дека е и забавно да се шеташ наоколу без камерата и да бидеш присутен во моментот колку што е можно повеќе. Моите пријатели се шокирани бидејќи речиси никогаш не сум на мобилен телефон. Сè уште се обидувам да раскажувам повеќе приказни и помалку да документирам. Мислам дека треба да се најде добра рамнотежа - вели тој.

Лавало е полн со практични совети. При пакување, секоја работа треба да се стави на исто место бидејќи со тоа се стекнува навика, се забрзува подготвувањето и се забележува ако нешто сте изгубиле. Избегнувајте ги долгите возења со автобус во Африка. Кога работите со сомнителни цариници, секогаш, буквално секогаш имајте голема и искрена насмевка и никогаш не лажете. Ако ви бараат поткуп, вклучете што е можно повеќе луѓе, па може од срам да се откажат. Бидете внимателни со менувачите на валути и проверете кога сезоните на монсуните се во Азија за да не поминете една недела во апартманот.

Во Танзанија се преобратил во исламот


За Лавало, најубавата природа што ја видел била во Руанда и Бурунди, ридски и зелени соседни земји во центарот на Африка со светлосино небо. Африка е еден од многуте домови на Лавало. Основал мала фарма во Танзанија, па секоја година е во таа земја чиј јазик го знае. Тој го прифати исламот во 2013 година, што, како што вели, му помогнало на неговото патување.


- Религијата е важна во мојот живот, а патувањето е важен дел од исламот – тоа е споменато повеќе од 25 пати во Куранот. Тоа нè поттикнува да бараме свети чуда околу нас, во природата и во односите со другите - вели тој.

За секој што го чита ова од неговата канцеларија, има мала утеха - по две и пол години патување Лавало решил да ѝ се врати на канцелариската работа од 9 до 17, тврдејќи дека тоа е апсолутно најдобра одлука за него и е посреќен од кога било.

Извор: Putnikofer.hr
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот