X
 19.10.2020 Здравје

Филипче: Полициски час е следен чекор ако не се почитуваат мерките

Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека по утринскиот состанок со Комисијата за заразни болести го информираа штабот во Владата во однос на капацитетите на болниците и ја презентираа двонеделната анализа на епидемиолошката состојба во земјава. Во епидемиолошкиот дел се бележи значителен раст на новодијагностицирани случаи, процентуално најмногу во возрасните групи од третата, четвртата и петтата деценија со карактеристики како во Скопје така и во цела држава.

- Што се однесува до капацитетите во болниците, тие продолжуваат да се пополнуваат - потенцира Филипче.

Тој истакна дека на утрешната седница ќе предложат уште еден пакет мерки.

- На утрешната седница на Владата ќе предложиме уште еден пакет мерки. Сите економски оператори да работат до 23 часот, како и ограничување на капацитетот во јавниот превоз до 50 проценти и препорака до целата државна и јавна администрација, препорака до општините и судовите, согласно механизмот на работа, работниот процес да се одвива во смени или онлајн од дома, или пак редуцирано со систем на ротации. Законот за заштита на населението од заразни болести е веќе даден на измена по скратена постапка, а во тој закон се веќе вметнати предлозите за задолжително носење маски на отворено, ограничување на групирањето по 22 часот надвор и ограничување на семејните собири. Сметаме дека тоа е еден пакет на мерки кој значително може да го намали бројот на новодијагностицирани случаи - рече министерот Филипче.

Филипче упати порака до граѓаните дека ситуацијата е многу сериозна.

- Ситуацијата е навистина сериозна, следен чекор би бил целосно ограничување на движењето, односно полициски час. Да собереме сили сите, да ги почитуваме мерките за да го избегнеме сето ова поради тоа што ова е начинот на кој ќе треба да се функционира, во периодот што е пред нас доаѓаат уште постудени есенски и зимски месеци - посочи Филипче.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје