27.11.2024
Живот
„Јон Вардар против галаксијата“ повторно ќе се прикажува во Бразил
По јужноамериканската премиера на „Јон Вардар против галаксијата“ на еден од најголемите филмски фестивали во Латинска Америка, престижниот Мостра во Сао Пауло, првиот македонски долгометражен анимиран филм повторно патува за Бразил.
Овој пат „Јон Вардар“ ќе биде прикажан во „бразилското Сен Тропе“ на 6 декември, на 14. издание на меѓународниот филмски фестивал „Балнеарио Камбориу“.
Режисерот Цветановски изјави дека поканата за учество ја добил од директорот на фестивалот веднаш по проекцијата во Сао Пауло.
- Сѐ уште сум воодушевен од реакцијата на бразилската публика. По првата проекција се сликав со група весели ученици со кои разговаравме за филмот, а потоа следуваше и интервјуто за бразилскиот сервис на Си-ен-ен. Драго ми е што филмот наиде на интерес во Бразил и повторно ќе биде прикажан таму - изјави Цветановски.
Ова е четврта фестивалска презентација на „Јон Вардар против галаксијата“, а Цветановски најави возбудливи новости во текот на 2025.