Василис Панајотаропулос отсекогаш бил жеден за знаење, но морал да го напушти образованието на 12 години за да му помогне на својот татко со работата на полињата.
- Сè што учам е интересно. Самото присуство тука го отвора умот - вели Василис Панајотаропулос.
19:45 часот. Ѕвончето ѕвони означувајќи го почетокот на наредниот час. Пензионерот уредно ја поставува својата кутија за моливи и учебниците на малото дрвено биро.
Облечен во темен костум, Василис не само што е појава во училницата, туку е и најстариот ученик кој посетува вечерно училиште во центарот на Атина. Половина од неговите соученици се на возраст како неговите внуци.
Поминале речиси 70 години откако тој последен пат седел во училишните клупи.
- Го напуштив училиштето на 12-годишна возраст за да му помогнам на татко ми во работата на полињата. Но, отсекогаш сум имал желба да се вратам и таа желба никогаш не исчезна - се сеќава тој на своето детство во едно село во Пелопонез.
Кога наполнил 80 години, поранешниот сопственик на таверна ѝ рекол на сопругата Марија, пензионирана шивачка, дека конечно ќе си ја исполни желбата, По петдецениска работа како готвач и сопственик на таверната, тој минатата година почнал да посетува вечерно училиште.
- Ах, кога повторно би имал 15 години. Отсекогаш сум имал сон да имам многу знаење. Не мислев дека ќе дојде денот кога навистина ќе почнам да го живеам тој сон - вели Василис.
Одлуката што му го промени животот на Василис стана вирална кога тој беше знаменосец и ја предводеше училишната парада за одбележување на годишнината од „Окси денот“, во знак на сеќавање на одлуката на Грција да се спротивстави на италијанските сили и да влезе во Втората светска војна на страна на сојузниците. 80-годишниот пензионер беше снимен како гордо маршира пред грчкиот парламент.
- Нему му беше дадена честа да го носи знамето бидејќи беше најдобриот ученик во класот. Тој е исклучително вреден и им нуди многу на сите соученици. Трогателно е да се видат луѓе кои ја немале истата можност, кои морале да работат, сега да се вратат на училиште. Исто така е и лекција. Јас студирав во странство, а моите деца се запишаа на факултет и се вработија на добри работни места. Овие работи ги земаме здраво за готово додека не сретнете личност која немала вакви можности - вели Евангелија Патераки, директорка на училиштето.
- Омилени предмети ми се старогрчки јазик и математика. Има работи и факти што се малку измешани во мојот ум. На пример, порано не бев сигурен кога започнала или кога завршила Византиската Империја. Сега е прекрасно што имам одговор за тоа - вели Василис.
Грчката централнодесничарска влада вели дека е решена да ги зајакне ноќните училишта во време кога на други места во Европа тие речиси престанаа да постојат.
- Се фокусираме на потребите и барањата на учениците. Навистина е за пофалба кога возрасен ќе одлучи да се врати на училиште. Овие соништа, труд и верба ја заслужуваат секоја поддршка - изјави заменик-министерката за образование Зета Макри.
Но, Василис, кој како и многумина од неговата генерација во 50-тите години што го напуштиле животот во селата за да живеат во градот, не сака да се гледа себеси како пример за ученик.
- Вистината е дека секогаш бев љубопитен и секогаш сакав да читам. Кафеанската култура не беше за мене. Но, ако сакате да напишете дека на соништата им нема крај, дека и на мои години можат да се остварат, нема да се расправам со вас за тоа - вели тој.
Извор:
The Guardian
Фото: Freepik