Девет месеци. Толку им било потребно на топ-1.000 милијардери во светот за да го повратат своето богатство во пандемијата на Ковид-19.
Повеќе од една деценија е време што може да им биде потребно на најсиромашните во светот за да закрепнат, вели годишниот извештај за нееднаквост на „Оксфам интернешнл“.
Извештајот, објавен во неделата пред виртуелниот состанок на Светскиот економски форум со политички и финансиски лидери, кој обично се одржува во Давос, Швајцарија, го претставува неспоредливото влијание на вирусот низ целиот свет.
- Сведоци сме на најголем пораст на нееднаквоста од почетокот на евиденцијата. Длабоката поделба меѓу богатите и сиромашните се покажува смртоносна исто колку и вирусот. Eкономиите го насочуваат богатството кон богатата елита, која луксузно ја минува пандемијата, додека оние што се на првата линија на пандемијата - продавници, здравствени работници и продавачи на пазарот - се борат да ги платат сметките и да донесат храна на масата - рече Габриела Бухер, извршна директорка на „Оксфам“.
Коронавирусот, кој зарази речиси 100 милиони луѓе и уби повеќе од 2,1 милиона на глобално ниво, ја стави нееднаквоста во центарот на вниманието.
Богатите генерално добро ја минуваат ковид-бурата. Иако берзите колабираа во раните месеци на пандемијата, тие се вратија - делумно благодарение на економската помош обезбедена од владите.
Во светски рамки, богатството на милијардерите пораснало за 3,9 билиони долари помеѓу средината на март и крајот на декември.
Но, бројот на луѓе што живеат во
сиромаштија на глобално ниво се зголемил за 500 милиони минатата година, според трудот на Светскиот институт за развој на економијата на Универзитетот на ОН, цитиран од „Оксфам“.
И други истражувања откриваат дека пандемијата им нанесе огромен удар на сиромашните. Посебно истражување од Светска банка во октомври вели дека пандемијата може да доведе до крајна сиромаштија на дури 60 милиони луѓе.
За светот да се избори против оваа растечка нееднаквост, владите треба да обезбедат сите да имаат пристап до вакцината против Ковид-19 и финансиска поддршка доколку ја изгубат работата, вели Бухер. Исто така, ова е време за подолгорочни инвестиции во јавните услуги и сектори со низок јаглероден фактор за да се создадат милиони работни места и да се обезбеди секој да има пристап до образование, здравствена заштита и социјална грижа, додаде таа.
Фото: Freepik