X
 28.02.2024 Наша тема

Пораката што ја испраќам со мојата гола глава е дека сите сме различни и не треба да правиме ништо за да го промениме тоа, вели Цеце Николова, водителка на утринската програма на „Канал 5“

Цеце Николова е млада, убава и успешна жена чиј храбар чекор да излезе на ТВ-екраните без перика е за поздравување и служи како поттик за сите лица со алопеција да се сакаат себеси зашто тоа е најважното во борбата против предрасудите и стереотипите во општеството.

Каква болест е алопецијата и кои се предизвиците со кои се соочуваат заболените лица?

- Алопецијата се јавува кога имунолошкиот систем ги напаѓа фоликулите на косата. Главниот симптом на алопеција е опаѓање на косата, а покрај косата може да има опаѓање и на други влакна на телото, како што е опаѓање на веѓите, трепките, како и на други делови од телото. Би рекла дека предизвиците на лицата што ја имаат оваа состојба повеќе се од психолошки аспект - целосно се менува личниот опис, се намалува самодовербата, сите наоколу се љубопитни, многу прашања, но без одговор.

Повеќе не ми е грижа за околината и одлично сум прифатена



Како реагира средината на лицата со алопеција?

- Не знам што преземаат другите, знам само дека мене (повеќе) не ми е грижа за околината и генерално сум одлично прифатена.

Кога Ви беше дијагностицирана болеста и како реагиравте?


- Болеста ми е дијагностицирана на 7-годишна возраст. На таа возраст не знаев многу за што се работи, освен дека изгледам поинаку од другите и дека постојано треба да објаснувам зошто носам капа или подоцна перика. Нималку едноставен период оставив зад себе.

Ќе си го следам сонот и завршив со поглавјето со стравови



Што Ве привлече да станете водителка на утринската програма „Здраво, Македонијо“ на „Канал 5“?

- Во Канал 5 работам од октомври 2023 година и дефинитивно тоа е местото каде што сакам да бидам. Што ме натера да бидам водителка? Едноставно одлучив дека ќе си го следам сонот и ќе го завршам поглавјето со стравови, несигурности и неверување во себе. Време е за нова етапа во мојот живот. Убава етапа, многу позитивна и поинаква од сѐ што било досега.

Одлучивте да не носите перика пред телевизиските камери, чекор достоен за почит, која е пораката што ја праќате во јавноста?

- Пораката што ја испраќам со мојата гола глава е дека сите сме различни (читајте уникатни) и не треба да правиме апсолутно ништо за да го промениме тоа. Можеме да се обидеме да бидеме „друга личност“, но на крајот од денот, кога ќе си легнеме, знаеме кои сме и што сме. Затоа, нема потреба од измачување и давање лажна слика за себе. Ве охрабрувам - бидете свои и оригинални, не постои ништо поубаво од тоа!

Не носам перика никаде освен кога снимам интересни видеа за социјалните мрежи



Веројатно не носите перика и при други активности во текот на денот. Какви се коментарите на луѓето околу Вас? Дали се охрабрувачки?


- Нема да носам перика никогаш повеќе. Единствено некогаш кога снимам интересно видео за социјалните мрежи во одреден момент носам перика. Целата приказна околу периките ја претворив во забава и слободно можам да кажам - онлајн бизнис! Два типа коментари се најзастапени - едните се со поддршка (огромен број и за тоа сум бескрајно благодарна), а другите се совети и препораки што да ставам на главата за да ми порасне коса - исто така симпатични.

Кога човек ќе се засака себеси, сѐ друго е неважно



Како да се охрабрат другите лица со алопеција да се ослободат и да не го кријат нивниот изглед?


- Многупати имам кажано, пред сѐ, да си направат муабет сами со себе, да се прифатат такви какви што се. Доколку не можат сами, постојат лица кои се стручни за тоа како да ја зајакнете самодовербата. Кога човек ќе се засака себеси, онака како што навистина треба, сѐ друго околу него му станува неважно… Не прашувајте како знам.

Кои се Вашите идни планови?

- Конечно научив дека плановите не се кажуваат гласно пред да се реализираат. Ќе споделам дека работам многу вредно на повеќе проекти. Со задоволство би ги споделила со вас откако ќе ги реализирам, во некое наредно интервју.

Фото: инстаграм-профил на Цеце Николова
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема