Силиконската долина долго го славеше неуспехот. Ги охрабруваше сопствениците на новоформираните компании да „пукаат“ на големо, брзо да го доживеат неуспехот, да закрепнат како знаат и умеат, и да се обидат повторно. Во таа смисла, постои еден голем неуспех што треба да се додаде на списокот. Силиконската долина ги изневери жените. Точка. Време е и да го признае тоа. Ако вака продолжи, а бидејќи тамошните компании сите се тапкаат по рамо затоа што ги вработуваат првите (еј, првите!) жени како партнерки и бидејќи процентуално порастот на бројот на жени – компјутерски инженерки и менаџерки во тие компании е ужасно бавен, ќе бидат потребни неколку генерации за односот меѓу половите кај работната сила барем да се придвижи кон 50-50. Тоа е неприфатливо. Не само што жените сочинуваат половина од населението, тие чинат и 70-80 проценти од купувачите. Жените не смеат да се исклучуваат од процесот на замислување и создавање нови производи, макар само заради профитот.
Има неколку сопственици на компании што тука гледаат можност. Секој бара предност пред конкуренцијата, а некои лидери во технолошкото производство сфатија дека има многу талентирани лица со голем потенцијал меѓу популацијата која е неискористена веќе три децении.
Налетав на Дик Костоло во април 2016 година, по 10 месеци откако замина од „Твитер“, и тој беше речиси детски возбуден. Само што вработил уште една компјутерска инженерка за својот фитнес-стартап „Корус“, четвртата компанија што ја основал во рок од две децении. Од самиот почеток Костоло опсесивно се обидувал да вработува еднаков број жени и мажи, дури и кога му требало повеќе време за да ги пронајде. „Еднаш ако заостанете, ако од дваесет софтверски инженери само две се жени, ќе биде неможно да се надомести тоа заостанување“, ми рече тој.
Џек Дорси, кој по заминувањето на Костоло дојде на местото извршен директор во „Твитер“, исто така има иновативен пристап во подобрувањето на атмосферата на работното место за жените. Нововработените компјутерски инженерки се распоредуваат во тимови каде што веќе работат други жени, наместо да се ставаат во чисто „машки“ средини. Целта на ова е да се негуваат другарството и протокот на идеи, но и да се ублажи „синдромот на натрапник“ кој жените често го искусуваат кога остануваат насамо со своите машки колеги. Па, сепак, со оглед на ограничениот број жени – софтверски инженерки, некои тимови остануваат целосно машки. Во меѓувреме, втората компанија на Дорси, „Сквер“, веќе разви солидна екипа на раководителки. „Не е важно само да се создаде чувство на припадност“, ми рече тој, „важно е и да се обезбеди жените да придонесуваат во носењето одлуки“.
Но постои уште една, наједноставна стратегија: раководителките ќе привлечат уште жени кои бараат вработување. Џулија Харц, коосновач и извршна директорка на компанијата „Евентбрајт“, вели дека родовата рамнотежа на таа фирма е 50-50 и дека до тоа се стигнало по природен пат, можеби едноставно како последица на силните женски фигури на чело на компанијата.
Извадок од книгата „Brotopia: Breaking Up the Boys' Club of Silicon Valley“ од Емили Ченг