X
 28.04.2021 Живот

Ужасите на нацизмот

Нацистичките младински организации имале цел да ги индоктринираат децата и младите, а членството во нив било задолжително

Националсоцијалистичката германска работничка партија, позната и како Нацистичка партија, била основана во 1919 година како Германска работничка партија и промовирала антисемитизам и германска национална гордост. Исто така, нејзините членови биле многу незадоволни од исходот на Версајскиот договор, со кој се ставило крај на Првата светска војна, со кој Германците биле обврзани да ја надоместат штетата што ја направиле за време на војната.

Адолф Хитлер бил член на партијата од нејзиното основање, а станал шеф на партијата во 1921 година. Во 1933 година станал германски канцелар, што претставува почеток на неговата диктатура. Хитлер ја придобил публиката со своите харизматични јавни говори во кои ги обвинувал Евреите и марксистите за сите проблеми со кои се соочувала Германија. Потоа ја почнал практиката на екстремен национализам и промовирање на „чистата“ ариевска раса.

Хитлер решил да ги уништи членовите на сите групи што ги сметал за несоодветни за совршена Германија, вклучително и Евреите, политичките фигури кои не биле приврзаници на нацизмот, уметниците, интелектуалците, Ромите, хомосексуалците, лицата со телесен или ментален хендикеп.

Формирање младински организации

Откако воспоставил контрола врз Нацистичката партија во сите аспекти, Хитлер се насочил кон децата и младите за да помогнат во пропагирање на нацистичките идеи, формирање војска и, конечно, создавање концентрациони логори и прогонување на неистомислениците. Својата цел ја постигнал преку индоктринација на младите преку организациите „Хитлерова младина“ (Хитлерјугенд) и „Германскиот сојуз на девојчиња“ (Бунд Дојчер Модел).

Балдур фон Ширах станал директор на Хитлеровата младина во 1930 година и ја поделил групата на два дела: момчиња на возраст од 14 до 18 години и помладата организација „Дојчес Јунгволк“, која обединувала момчиња на возраст од 10 до 14 години. Слична поделба имал и „Германскиот сојуз на девојчиња“.

До 1933 година Хилтеровата младина имала 100.000 члена, а во 1934 година тој број се искачил на 3,5 милиони. Нацистичките младински движења станале единствената легална активност за младите во земјата. Членството станало задолжително во 1936 година, а на еврејските деца им бил забранет пристапот.

Како функционирала индоктринацијата?

Момчињата, членови на Хитлеровата младина, учествувале во многубројни активности, со фокус на спортот и развој на физички вештини, како што се бокс или кампување. Тие, исто така, поминувале интензивна обука за нацистичката идеологија и антисемитизам, како и воени вежби кои вклучувале ракување со оружје. Преку сите овие активности им била всадена силна посветеност кон Хитлер.

младина
Фото: Wikipedia

Девојчињата и девојките имале обука за домашни работи и готвење, како и обука за медицински сестри и добротворна работа. Обврските наметнати преку овие организации биле доминантни во животот на германските деца кои немале време за ништо друго освен за училишни и младински организации.

Во текот на летото биле организирани кампови каде што младите работеле на фарми или учествувале во нацистички идеолошки активности. Тие честопати им предавале германски јазик на имигрантите или чувале логори во кои биле сместени полски тинејџери.

За што служела индоктринацијата на децата?

Децата ја претставувале иднината на земјата, нацистичкиот режим и идеологијата, како и почетокот на совршената ариевска раса. Многу членови на Хитлеровата младина прераснале во послушни војници фанатично врзани за Рајхот и нивниот водач.

Влошената состојба во германската армија на крајот од војната придонела за регрутирање млади луѓе кои биле испратени на фронтот. На почетокот тие беа 17-годишни момчиња, а до 1945 година имало војници на возраст од само 14 или 15 години кои ја бранеле својата земја и ариевската раса во која верувале.

Исто така, Хитлер верувал дека логорите за индоктринација ги оддалечуваат децата од влијанието на нивните родители, кои можеби не биле приврзаници на партијата и со тоа претставувале пречка за постигнување на крајните цели. Преку Хитлеровата младина и „Германскиот сојуз на девојчињата“, нацистичката идеологија станала дел од секој дом, без оглед дали родителите се противеле на режимот.

mladina
Фото: Wikipedia

Што се случило со оние што одбивале да членуваат?

Имало германски момчиња што одбиле да станат членови на Хитлеровата младина и организирале свои алтернативни групи, како што е „Еделвајс пирати“. Тие дури напаѓале членови на Хитлеровата младина и ги саботирале нивните активности. Многумина учествувале во насилни или мирни протести, цртале антивоени графити на ѕидовите, па дури и им помагале на еврејските деца да избегнат депортација.

Нивните активности не поминале незабележани, а властите се погрижиле казните да бидат јавни. Така, во 1944 година шест члена на „Едлвајс“ биле обесени во Келн. Оние што одбивале членство во Хитлеровата младина биле прогонувани од членови на организацијата, тепани и често мачени сѐ додека не попуштиле и на крајот не се приклучиле на организацијата.

Што се случило со нацистичката младина?


По завршувањето на Втората светска војна, Хитлеровата младина била распуштена и многу граѓани биле подложени на процес на денацификација со цел да се санираат штетите предизвикани од индоктринацијата. Денес, Хитлеровата младина и „Германскиот сојуз на девојчиња“ се сметаат за едни од најстрашните елементи на нацистичкиот режим затоа што докажале дека диктатурата може успешно да манипулира со младите и да ги наведе безусловно да им служат на армијата и режимот.

Извор: World Atlas
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот