Основачот на „Бајненс“, познат и како ЦЗ, „летува“ во затворот Ломпок во Санта Барбара. Како што расте крипто-пазарот, „Форбс“ го открива тајниот извор на неговите милијарди долари.
Основачот на „Бајненс“, Чангпенг Жао, веќе е најбогатиот човек што завршил в затвор, а неговото богатство вртоглаво порасна откако стана осуден криминалец. „Форбс“ сега проценува дека вреди 61 милијарда долари, што го прави 24. најбогат човек во светот. Следниот најбогат човек во крипто-светот е основачот на „Коинбејс“, Брајан Армстронг, кој вреди 11 милијарди долари.
Растот на богатството на ЦЗ има две компоненти. Прво, тука е неговиот удел од 90 проценти во големата крипто-берза „Бајненс“, која вреди околу 33 милијарди долари, и покрај фактот што ЦЗ се повлече од функцијата извршен директор на берзата во ноември 2023 година, како дел од спогодбата со Министерството за правда на САД. Тој се изјасни за виновен за кршење на санкциите и законите за спречување перење пари. Неговата компанија плати казна од 4,3 милијарди долари. Сепак, личното богатство на Жао не беше толку погодено: тој мораше да плати „само“ 50 милиони долари казни. За шест месеци од признавањето на вината на Жао, „Бајненс“ ја зголеми својата доминација меѓу светските крипто-берзи во однос на обемот на тргување. Уделот на „Бајненс“ на вкупниот пазар се зголемил на 42 проценти во шесте месеци откако Жао ја напуштил компанијата.
Големата промена во богатството на Жао доаѓа по откривањето на „Форбс“ за неговите лични акции во токенот за размена на БНБ. „Форбс“ проценува дека има 94 милиони токени или 64 отсто од вкупниот број во оптек. „Форбс“, исто така проценува дека „Бајненс“ поседува 71 отсто од акциите на БНБ.
И покрај правните проблеми на берзата, БНБ постигна неверојатен успех оваа година: порасна за 100 проценти, многу повеќе од другите криптовалути како што се биткоин (порасна за 54 проценти), етериум (53 проценти) и солана (49 проценти).
Што е БНБ?
Монетата на „Бајненс“ - БНБ беше претставена во 2017 година како алатка за прибирање финансиски средства со која ЦЗ сакаше да ја лансира својата нова размена. Токените како БНБ не нудат сопственост, туку ги наградуваат оние што ги поседуваат, честопати клиенти, со попусти за тргување или како поттик за регрутирање нови сопственици на сметки. Еден поранешен инсајдер на ФТХ вели дека тие често се користат „како еден вид акции, бидејќи нема јавен капитал“. Комисијата за хартии од вредност се согласува со таа дефиниција: таа во моментов го тужи „Бајненс“ за продажба на БНБ на клиенти од САД како нерегистрирана хартија од вредност.
Втората компонента на неговото богатство е нешто помалку транспарентна. Резултатите од истрагата објавени од „Форбс“ откриваат дека ИЦО (почетна понуда на монети) на „Бајненс“ првично не добил доволно понуди, поради што ЦЗ и неговата компанија префрлиле непродадени акции во паричници што тој ги контролирал . Во 2017 година „Бајненс“ излезе со тврдење дека продале 100 милиони БНБ по 0,15 долари, со што се собрани вкупно 15 милиони долари. Анализата на „Форбс“ покажа дека не се продадени повеќе од 10,8 милиони БНБ, што би значело дека се собрани помалку од 5 милиони долари.
Во официјалната бела хартија, која во крипто-светот функционира како псевдопроспект за инвеститорите, „Бајненс“ не прецизирала што ќе се случи со непродадените токени. Истрагата покажала дека тие биле префрлени во паричници во сопственост на „Бајненс“. „Форбс“ проценува дека денес овие паричници содржат 58 милиони токени, кои вредат 35 милијарди долари по денешната цена од 602 долари по токен. Поради тоа, 90 отсто удел на ЦЗ во „Бајненс“ му дава нешто повеќе од 52 милиони дополнителни токени. „Форбс“ верува дека има речиси 94 милиони БНБ токени вкупно.
Според тоа, нето-вредноста на основачот на крипто денес би изнесувала 56,6 милијарди долари, но бидејќи има мали шанси Жао да стигне до таа сума доколку се обиде да продаде, „Форбс“ применува 50 отсто попуст на ликвидноста на неговиот удел. Во моментов, обемот на тргување на БНБ е околу 1,6 милијарди долари дневно.
И покрај тврдењата за 200 милиони клиенти низ светот, многу малку се знае за работењето на „Бајненс“ - компанијата никогаш не била ревидирана. Во изминатиот месец БНБ порасна за околу 5 отсто, што на хартија значи уште три милијарди долари за основачот на „Бајненс“. Додека Жао ја отслужува својата четиримесечна затворска казна, уживајќи под калифорниското небо во затворот, тој може само задоволно да гледа како се трупаат милијардите на сметката.
Извор: forbes.n1info.hr
Фото: Wikipedia