X
 28.09.2022 Живот

До каде стигна новинарството - српски медиум интервјуира сериски силувач

Српскиот медиум „Информер“ деновиве објави интервју со серискиот силувач Игор Милошевиќ, постапка која остави многумина без зборови. Тоа беше преседан во српското новинарство, каде што силувач зборуваше за своите кривични дела изнесувајќи вознемирувачки детали. Српските експерти за порталот Нова.рс истакнуваат дека давањето простор на силувач е недозволиво, но и посочуваат на проблемот што Милошевиќ се нашол на слобода без соодветна програма за ресоцијализација.

Социологот Јелена Ризниќ од „Женска солидарност“ оценува дека интервју со силувач е сосема ново ниво на зло и непочитување на жените.

- Не постои соодветен коментар освен тоа дека се случи недозволивото, дека му е даден простор на насилник, дека со тоа повторно се трауматизирани жените што го преживеале неговото насилство, но не само тие, туку и сите жени што доживеале некој облик на сексуално насилство. Воедно е испратена и порака дека ниедна жена не е важна, дека нашите животи и нашата безбедност не се важни и дека единствено е релевантно колку кликови ќе донесе одредена содржина - истакнува Ризниќ.

Таа оценува дека е недозволив односот на медиумите кон проблемот со сексуалното насилство во текот на деновите по објавувањето на веста дека силувач-повратник е пуштен на слобода.

- Недозволиво е што се сее страв и одговорноста за насилството се префрла на жените. Инаку, и ние имаме развиени стратегии за преживување и во навидум банални ситуации бидејќи знаеме дека опасноста демне на секој чекор, но ние не треба да бидеме инстанцата која ќе се занимава со тоа, ние не сме оние што треба да го менуваме својот живот поради насилникот, туку институциите треба да ги заштитат жените - вели таа.

Истовремено, Марија Станковиќ, правник и борец за женски права, посочува на проблемот што Милошевиќ се нашол на слобода без програма за ресоцијализација.

- Тоа покажува дека немаме добра законска рамка, дека казните за силувачите-повратници не се соодветни. Дефиницијата на целта на казната е да се спречи извршување кривично дело. Во самото интервју Милошевиќ вели дека бил злоупотребуван. Значи, станува збор за длабока траума и патолошко однесување. Тој не може да постапува рационално. Прашање е дали и кој работел некаков вид психолошка/психијатриска терапија со него во затворот - истакнува Станковиќ.

Таа прашува дали вештак-психијатар бил консултиран пред пуштање на Милошевиќ на слобода, како и тоа како дошло до одлука дека тој треба да биде пуштен.

- Тој по којзнае кој пат е на слобода без план, без средства и без надзор. Навистина верувам дека е само прашање на време кога ќе направи ново кривично дело, а останува да се надевам дека нема да биде силување - истакнува Станковиќ.

Таа оценува дека системот уште еднаш потфрлил.

- Уште еднаш жените ќе патат поради тоа. Иако тоа го сфаќам и како личен пораз, јас без бибер-спреј не тргнувам ниту до продавница. Жал ми е што немам кој друг совет да им го дадам на жените освен да се чуваат бидејќи не можат да се потпрат на институциите. А самото интервју е во согласност со порталот на кој е објавен, иако и од интервјуто се гледа дека Милошевиќ никако не требало да се најде на улица и дека нема никаква основа за функционален живот и приспособување на средината - истакнува Станковиќ.

Според неа, новинарите имаат одговорност.

- Новинарите имаат одговорност, иако во овој случај нивната не е најголема, не знам како би се справиле со фактот дека придонеле за уште едно силување - заклучува Станковиќ.

Интервјуто наиде и на голем број критики на социјалните мрежи, каде што се споделуваа и делови во кои може да се слушне како силувачот вели дека жртвите не треба да даваат отпор.

- Колку гласно и да врескаме, никој нема да нѐ слушне - напиша една корисничка на „Твитер“.

Извор: nova.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот