Астрономите објавија џиновска инфрацрвена мапа на Млечниот Пат која содржи повеќе од 1,5 милијарда објекти - најдеталната направена досега. Користејќи го телескопот ВИСТА на Европската јужна опсерваторија (ЕСО), тимот ги надгледуваше централните региони на нашата галаксија повеќе од 13 години. Со податоци од 500 терабајти, ова е најголемиот опсервациски проект досега.
- Засекогаш го сменивме погледот на нашата галаксија - вели Данте Минити, астрофизичар од Универзитетот „Андрес Бело“ во Чиле, кој го предводеше целокупниот проект.
Оваа мапа, која го соборува рекордот, содржи 200.000 снимки направени од ВИСТА на ЕСО - видливиот и инфрацрвениот телескоп за астрономија. Лоциран во опсерваторијата „Паранал“ во Чиле, главната цел на телескопот е да мапира големи области на небото. Тимот ја искористил инфрацрвената камера која може да ѕирне низ прашината и гасот што ја пробиваат нашата галаксија. Затоа е во состојба да го види зрачењето од најскриените места на Млечниот Пат.
Оваа џиновска база на податоци опфаќа површина на небото еднаква на 8.600 полни месечини и содржи околу 10 пати повеќе објекти од претходната мапа, објавена од истиот тим во 2012 година. Вклучува новородени ѕвезди и топчести кластери - густи групи од милиони најстари ѕвезди во Млечниот Пат.
ВИСТА може да забележи и многу ладни објекти, кои светат на овие бранови должини, како кафени џуџиња („неуспешни“ ѕвезди кои немаат постојана нуклеарна фузија) или планети кои не орбитираат околу ѕвезда.
фотоизвор: ESO/VVVX survey
Набљудувањата почнаа во 2010 година и завршија во првата половина на 2023 година, опфаќајќи вкупно 420 ноќи. Набљудувајќи го секој дел од небото многу пати, тимот можеше да ги одреди локациите на овие објекти, да следи како се движат и да согледа дали нивната светлина се менува.
Истражувањата доведоа до повеќе од 300 научни статии.
Извор: phys.org
Фото: ESO/VVVX survey