X
 28.11.2018 Технологија

Апликација ќе ви кажува кога да го оставите мобилниот

Мобилните телефони денес имаат речиси иста моќ како и компјутерите, па секогаш се со нас и сè повеќе ги користиме. Набројувањето на причините зошто тоа не е добро може да започне од оштетувањето на видот, па да продолжи понатаму.

Со оглед на тоа дека времето што го минуваме на телефон минува брзо без да го почувствуваме, „Гугл“ смисли посебна апликација со која на корисниците им обезбедува увид во времето што го минале на телефон.

Името на апликацијата е „Digital Wellbeing“ и може да се преземе од Google Play Store, но е достапна само за оние што го имаат најновиот телефон „Пиксел“ или некој друг уред од „Android One“ програмата со „Android 9.0 Pie“.

Освен времето на користење, апликацијата прикажува и други податоци, на пример, колку вкупно време бил вклучен екранот, колку известувања сте добиле, но и колку пати сте го отклучиле мобилниот телефон. Исто така, апликацијата може да ви даде детали за тоа колку време сте поминале на „Јутјуб“, „Нетфликс“, допишувајќи се на „Фејсбук“, „Вацап“ или други апликации.

За да ве охрабри поумерено да го користите мобилниот телефон, „Гугл“ овозможува и поставување лимит за времето минато користејќи одредена апликација. Откако ќе истече времето, не е можно да се вклучи апликацијата, за што ќе добиете известување во вид на порака на екранот.

„Гугл“ ја додаде и функцијата „Wind Down“, која овозможува одредување од кои апликации сакате да добивате известувања во текот на ноќта, а од кои не.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија