X
 29.04.2020 Култура

Серии што се подобри од книгите според кои се снимени

Искуството што го носи читањето е интимна, лична визуализација на ликовите и случувањата и честопати се смета дека нашата замисла секогаш е подобра од замислата на некој режисер.

Денес дилемата за тоа дали ќе ја прочитаме книгата или ќе го погледнеме филмот или серијата базирана на книгата се чини депласирана, иако и понатаму е актуелна. Често тоа е така затоа што сме опкружени од екрани како никогаш порано, а и затоа што книгите и понатаму претставуваат непроценлива вредност, сè се печатат и уште поважно - се продаваат.

Вреди да се прочита книга, но вреди и да се погледне филм/серија. И постојат сè повеќе филмови и серии што се еднакво добри како и книгите по кои настанале, а некогаш и подобри. Ова се некои од нив.

1. „Аутсајдер“


Стивен Кинг е крал. Додека филмските адаптации на книжевните дела на Стивен Кинг како по правило стануваат класици на светската кинематографија - „Кери“, „Бегството од Шошенк“ итн., се чини дека таква магија досега не постигнала ниедна сериска адаптација на некои од неговите книги. Сè до појавувањето на „Аутсајдер“. Серијата е базирана по истоимениот роман на овој писател.

Дејството на серијата го следи полицискиот детектив Ралф Андерсон, кој го истражува мистериозното убиство на 11-годишното момче Френки Питерсон. Околностите што го опкружуваат ова злосторство го поттикнуваат Ралф, кој сè уште тагува поради смртта на неговиот син, во истрагата да ја вклучи необичната приватна детективка Холи Гибни, со надеж дека нејзините натприродни способности ќе го објаснат она што не може да се објасни. Првите шест од вкупно десет епизоди одат малку побавно и се задржуваат на поголемиот дел од основата на приказната, а тонот и атмосферата се радикално различни во однос на книгата. Додека Кинг во своето пишување немилосрдно се движи напред, камерите на „Аутсајдер“ како да се лизгаат, како да ползат или да стојат в место додека ликовите разменуваат остри, збунувачки и тажни погледи.



2. „Нула, нула, нула“

Приказна на неколку континенти во која има десетина ликови. Серијата ја следи пратката на кокаин што патува од Америка до Европа, како и различни групи криминалци гладни за моќ, мексикански картели, мафија и корумпирани бизнисмени кои сакаат да преземат контрола над трговијата со кокаин.

Навидум ништо ново и несекојдневно, но серијата, благодарение на актерската екипа, се движи во самоуверена насока во која се расплетува заплетот, а кинематографијата е неверојатна.

Приказната е базирана на вистински настани, односно на истражувањето на италијанскиот новинар Роберт Савијано, кој е под полициска заштита уште од 2006 година токму поради оваа истрага.



3. „Мојата генијална другарка“

Екранизацијата на роман може да биде ризична, особено ако станува збор за обожаван роман каков што напиша Елена Феранте. Ликовите во нејзините романи живеат во имагинацијата на читателот, така што на екраните може да предизвикаат само едно чувство - разочарување. За среќа, серијата „Мојата генијална другарка“ совршено одговара на изворниот материјал. Можеби затоа што Елена Феранте на извесен начин учествувала во пишувањето на сценариото. Но, без оглед на тоа, оваа серија е одлична.

Оние што не ја читале книгата не загубиле многу. Приказната почнува кога Елена, во своите 60-ти години, добива телефонски повик од синот на нејзината пријателка од детството. Добива студен и остар одговор кој го евоцира долгото и комплицирано минато: - Научете да живеете сами. И немојте да ми се јавувате повторно.



4. „Приказната на робинката“

Едно од најдобрите сериски остварувања последните години е базирано на романот на Маргарет Атвуд, „Приказната на робинката“. Дејството се одвива во блиска иднина во Гилеад, некогаш познат како САД, каде што женските права не постојат. Тоталитаризам, теократија, мизогинија. Дистопија.

Во општеството жените се брутално подредени. Не смеат да работат, не смеат да поседуваат имот, ниту да располагаат со пари. Единствено можат да раѓаат. Распоредени по резиденции на владејачката елита, тие се за користени за раѓање и се наречени робинки.



Извор: B92
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура