X
 29.09.2026 Живот

Експертите откриваат дали скандинавскиот начин на спиење навистина функционира

Добриот ноќен сон е клучен за успешен ден. Меѓутоа, ако го делите креветот со партнерот, квалитетот на сонот лесно можат да го нарушат и неговите ноќни навики, пренесува „Индепендент“.

Делењето кревет со личност која зафаќа поголем дел од покривката, зборува во сон или се превртува цела ноќ може да влијае врз квалитетот и времетраењето на сонот, што може да има последици врз општото здравје, нивото на стрес и концентрацијата.

Некои двојки ги решаваат овие проблеми со спиење во одделни соби, што се нарекува „развод поради спиење“, но постои и друга можност – скандинавскиот начин на спиење, кај кој двојката и понатаму го дели истиот кревет, но секој спие под своја покривка.

Овој начин е најчест во скандинавските земји Данска, Норвешка и Шведска, каде што некои двојки едната голема покривка ја заменуваат со две одделни. Тоа може да донесе низа предности, како што е можноста секој да ја регулира температурата според своите потреби, повеќе личен простор и помалку расправии околу покривката.

Дали скандинавскиот начин на спиење навистина функционира?

Скандинавскиот начин на спиење им овозможува на двојките да ја задржат блискоста во текот на ноќта, но со помалку попречувања.

Венди Троксел, доктор на науки и бихевиорален научник во корпорацијата „Ранд“ вели дека овој начин на спиење им дава на двојките повеќе личен простор во текот на ноќта, без притоа да бидат целосно одвоени.

-Може да ја задоволи потребата за блискост, но и потребата за сопствен простор за спиење во текот на делот од ноќта кога всушност спиеме - вели Троксел.

Овој начин може да биде корисен и за партнерите кои во текот на ноќта се борат за покривката или на кои често им е премногу топло, односно ладно.

-Температурата што одговара за време на спиењето е многу индивидуална - вели Деирдре Конрој, докторка на науки, сертифициран специјалист по бихевиорална медицина на сонот и клиничка професорка на Одделот за психијатрија на Универзитетот во Мичиген.

-На пример, жените кои имаат бранови на топлина во текот на менопаузата можеби повеќе ќе претпочитаат поладна покривка. Овој начин му овозможува на секое лице да спие удобно и да ги задоволи своите потреби - вели таа.

Кога треба да одлучите да спиете одделно?

Ако скандинавскиот начин на спиење не функционира, двојката може да размисли за спиење во одделни кревети или соби.

Делењето кревет може да донесе многу проблеми, особено ако партнерот ‘рчи или има други посериозни проблеми со спиењето, кои можат да ги нарушат квалитетот и времетраењето на сонот на другото лице.

Дали една двојка ќе одлучи да спие заедно или одделно не зборува ништо за силата на нивната врска.

Во викторијанската ера, двојките кои можеле да си го дозволат тоа спиеле во одделни соби. Меѓутоа, Троксел наведува дека до промена дошло во текот на шеесеттите години во САД, кога одделното спиење станало стигматизирано бидејќи се поврзувало со недостиг на интимност по сексуалната револуција.

Многу луѓе сметаат дека подобро спијат кога се со партнерот бидејќи се чувствуваат посигурно и попријатно. Меѓутоа, тоа не значи дека нивниот сон е навистина поквалитетен.

-Луѓето мислат дека тоа значи оти нешто не е во ред со врската, но тоа воопшто не мора да биде случај - вели Тина Сунделин, доктор на науки и доцентка на Одделот за психологија на Универзитетот во Стокхолм.

Многу луѓе сметаат дека подобро спијат со партнерот бидејќи се чувствуваат посигурно и попријатно. Меѓутоа, Троксел наведува дека различните истражувања за сонот покажуваат поинаку.

-Кога користиме објективни мерења на сонот... истражувањата главно покажуваат дека луѓето, кога го делат креветот, спијат полошо - рече Троксел.

Експертката заклучи дека двојките треба да донесат одлука врз основа на она што е најдобро за нив.

Извор: 021
Фото: magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот