Aкадемик проф. д-р Валентин Мирчески, редовен професор на Природно-математичкиот факултет, е меѓу осумтемина професори што по повод Светскиот ден на науката за мир и развој добија плакета од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, за придонес во развојот на научноистражувачката дејност и интернационализацијата и афирмацијата на Универзитетот, за исклучително достигнување во кариерата и објавени повеќе од 100 научни труда индексирани во базата Web of Science.
Во посебен контекст, плакетата на проф. д-р Мирчески опфаќа и второ остварување за исклучително достигнување во кариерата и меѓународно признаена извонредност преку застапеност во листата на Универзитетот „Стенфорд“ топ 2 проценти најцитирани во светот.
Досега објавил повеќе од 170 научни трудa, од кои над 140 се објавени во меѓународни научни списанија со висок фактор на влијание. Според SCOPUS базата на податоци, во периодот од 1994 до 2021 година неговите трудови се цитирани повеќе од 3.500 пати.
Колку Ви значи оваа награда и колку труд е вложен во Вашиот пат кон успехот?
- Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е еден од основните национални атрибути на модерната македонска држава. Неговото големо име, неговите патрони, светите Браќа Кирил и Методиј, втемелени во цивилизациските основи на Европа, се наша суштинска идентитетска одредница. Важност на Универзитетот извира од длабочините на овие нематеријални и долговременски аспекти, а неговата седумдецениска дејност е продолжение на нашата длабока интелектуална и спиритуална традиција. Оттука следува и големината и важноста на моето признание добиено од Универзитетот. Конечно, „да се биде пророк дома е најтешко“, а кога ќе се биде, тогаш задоволството е неизмерно.
Вие сте меѓу највлијателните научници во светот, тешка ли е одговорноста да се носи оваа титула?
- Во природата постојат спонтани процеси кои одат „сами од себе“, односно се резултат на природната распределба на енергијата во просторот и времето; мојата научна работа припаѓа на оваа група процеси – таа е нераскинлив дел од мојот едноставен живот и е резултат на некои основни човечки пориви: љубопитност, страст кон знаење, радост заради откривање и творење. Како што уметникот ужива во процесот на создавање на делото и на крајот бидува изненаден и воодушевен од неговата конечна форма, така и јас уживам во процесот на научно творење. За среќа, и јас сум изненаден од резултатите и од фактот што моите научни сознанија имаат видливост и важност за глобалната научна заедница. За жал, секое големо задоволство е неизбежно избалансирано со својата „сенка“ на одговорност, грижа за точноста и веродостојноста, со сомнежот дали навистина нешто „ново е откриено под сонцето“?
Колку Вашите научни трудови го афирмираа УКИМ во светот и Вас како истражувач?
- Јас само се надевам дека останав достоен на големото име на Универзитетот и на аманетот што ни го оставија светите браќа, дека преку знаење се доаѓа до просветление. Јас му подарив дел од мојот живот на Универзитетот, не го заборавив неговото големо име, не го изоставив во ниту едно мое пишано дело, штедро му ги подарив моите најубави зборови во секој мој настап, како впрочем и во овој индиректен разговор со вас и читателите.
Дали некој од Вашите научни трудови најде примена во практиката?
- Важноста на научната работа ја ставам во еден широк контекст кој ги надминува границите на практичната применливост на научните резултати. Научната работа ја наоѓа својата смисла во еден широк просветителски и образовен контекст, и пред сѐ таа е пат за личен напредок на истражувачот, но и инспирација и суштински дел од образованието на студентите и младите истражувачи. Во овој широк контекст се надевам дека моето научно и академско битисување придонесе за унапредување и меѓународно афирмирање на Универзитетот, но и на нашата земја во целина.
Во една прагматична смисла, се надевам дека дел од моите резултати ќе ѝ помогнат на глобалната научна заедница во изучувањето на некои појави поврзани со процесите на пренос на електрони. Досегашниот степен на цитираност на моите резултати ја поткрепува оваа надеж. Некои од резултатите може да се преточат и во практични уреди (сензори) важни за клиничката биохемија и за заштита на животната средина.
Дали Македонија како општество е погодна средина за истражувања и иновации?
- Нашето општество е толку многу критикувано, што е отрпнато на сите укори, а неговиот однос кон научноистражувачката работа ме асоцира на пораката на познатата композиција на славната рок-група „Пинк Флојд“ (Pink Floyd) насловена како „Удобна бесчувствителност “(Comfortably Numb; The Wall, 1979 ). Затоа, чувствувајќи ја сè уште свеченоста на чинот на доделување на моето признание, јас ќе го поштедам овој текст од критики.
Имам чувство дека јавноста не ги познава доволно научните достигнувања на наши професори, а ги има многу. Како да се промени тоа?
- Доделувањето на наградите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“во Скопје, како и на неколку други универзитети во Македонија по повод 10 Ноември, Светскиот ден на науката, јасно укажува дека се профилира една повисока свест во академските кругови за вреднување на научната работа. Се појавува млада генерација на брилијантни истражувачи кои покажуваат натпросечни резултати иако условите за работа најчесто не се поволни, со што уште еднаш се потврдува големиот интелектуален потенцијал на луѓето од овие простори. Останува соодветно да се поддржи научноистражувачката работа на едно пошироко општествено ниво, да се афирмираат и валоризираат научните резултати и науката да стане нераздвојна компонента на високото образование.
Фото: приватна архива