X
 15.06.2022 Наша тема

Филип Симески, докторанд на „Стенфорд“, работел на сателит за НАСА, а сега истражува за геолошко складирање на јаглеродниот диоксид

Во текот на студиите тој го поттикнал Универзитетот „Браун“ да создаде центар посветен на студентскиот живот на меѓународните студенти – идејата била да ја сподели и презентира македонската култура

Филип Симески од Скопје е добитник на стипендиите „Џери Јанг“ и „Акико Јамазаки“ (именувана според основачот на „Јаху“) и „Џералд Либерман“ - најпрестижна стипендија на „Стенфорд“ каде што ги привршува докторските студии.

Основно и средно образование завршил во Скопје, потоа бил примен на Универзитетот „Браун“ со целосна стипендија, каде што ги завршил додипломските студии, по што одлучил постдипломските студии да ги запише на „Стенфорд“ во Калифорнија.


Филип ја добива дипломата за машинско инженерство во Провиденс, Род Ајленд, САД.

За школските денови и посветеноста на учењето, за Факултети.мк раскажува дека отсекогаш имал интерес кон природните и техничките научи и бил добитник на многубројни награди и медали по физика, астрономија, хемија и математика на државно и на меѓународно ниво. Преку меѓународните натпревари се стекнал со голем број пријателства кои ја поттикнале неговата љубопитност за далечните земји, странските јазици и различните култури. Преку нив тој дознал за можностите што се нудат за студирањето во странство и за добрите понуди што ги нудат универзитетите во Европа, Северна Америка и во Азија. По завршувањето на средното образование во „Јахја Кемал“, каде што бил и стипендист, добил совети од своите професори и постари ученици околу тоа кои испити треба да ги полага и како да ги состави апликациите за универзитетот на кои сакал да студира.

Родителите целосно ја поддржале неговата одлука да студира во САД


На прашањето како одлучил да студира во САД и дали имал поддршка од родителите, тој вели дека решил да се запише на Универзитетот „Браун“ во Провиденс, Род Ајленд, каде што бил примен со целосна стипендија. За оваа одлука бил целосно поддржан од своите родителите, кои направиле сѐ што било во нивна моќ за да му го обезбедат понатамошното образование.


Филип со другари од програмата за машинско инженерство пред доделување на нивните магистерски дипломи на универзитетот „Стенфорд“

- Студирав машинско инженерство, а во текот на четиригодишните студии бев исклучително активен во голем број студентски организации, со особен фокус на развивање соработка со студентите од други држави и, се разбира, инженерството. Одредено време работев дизајн на студентски сателит, кој неколку години подоцна беше лансиран од страна на НАСА - објаснува Филип и додава дека истовремено го поттикнал универзитетот да создаде центар посветен на студентскиот живот на меѓународните студенти. Меѓу другото, оваа активност имала цел да се споделат различни култури, во случајов Филип да ја презентира македонската култура, преку соработка со различни факултети, Студентскиот парламент, Алумни-асоцијацијата и другите гранки на универзитетот.

Филип раскажува дека студентскиот сателит бил целосно проектиран, дизајниран и изграден од страна на додипломци на Универзитетот „Браун“.


Филип со другари од Бугарија, Турција и Филипините го носат знамето на нивната генерација за време на процесијата на алумни на универзитетот „Браун“

- Целиот овој процес траеше повеќе од пет години и во него беа вклучени многу генерации студенти. Јас придонесов кон дизајнот на комората со батерии и пресметките околу снабдувањето со енергија на сателитот за време на мојата прва година на „Браун“. Други тимови беа вклучени во изработката на шасијата на сателитот од парчиња метал, потоа во тестирањето на сите делови, како и аплицирањето во НАСА за сателитот да биде испратен во Земјината орбита. Во текот на целиот овој процес тимот беше под менторство на професорот Рик Флитер. Секоја година околу педесет студенти беа вклучени во оваа студентска група, која функционираше како воншколска активност финансирана од Школата за инженерство при универзитетот „Браун“. Студентите членови на групата доаѓаа од многу држави, вклучувајќи ги и Македонија, САД, Индија, Јапонија, Италија итн.


Филип во посета на Ејмс центарот на НАСА во Маунтин Вју, Калифорнија, САД

Филип организирал многубројни настани преку кои помагал при создавањето заедница каде што меѓународните студенти ќе се чувствуваат добредојдени. Тој организирал и краток омаж за Милчо Манчевски, на кој модерирал разговор меѓу режисерот и публиката. Истовремено, професионално се посветил на механиката на флуди, каде што три години работел на истражување посветено на дизајн на направа за производство на електрична енергија од водни текови. Неговото истражување резултирало во неколку трудови кои биле претставени на научни конференции, како и во неговиот дипломски труд. Ова истражување, под менторство на професорката Џенифер Френк, го поттикнало да работи како волонтер-практикант во ЕЛЕМ, во Секторот за инвестиции и развој во текот на летото 2016 година.

- Одлуката да ги продолжам последипломските студии на „Стенфорд“ беше мотивирана од мојата голема желба да работам на нови истражувања во областа на енергетиката. Во 2019 година се стекнав со звањето магистер, по што на истиот универзитет ги продолжив докторските студии - раскажува Филип.
Тој нагласува дека причината за таа одлука не била само затоа што тој е еден од најдобрите универзитети во светот, туку затоа што „Стенфорд“ навистина им нуди огромни ресурси на своите студенти.




Во слободно време танцува, плива и шета низ Калифорнија

Филип моментално истражува на тема на долгорочно геолошко складирање на јаглеродниот диоксид како еден од пристапите за превенирање на климатските промени. Дејност во која се користат нумерички методи, молекуларни стимулации и методи од статистичка и применета математика. Резултатите што ги остварува и постигнува за ова истражување редовно се споделуваат на конференции и се објавуваат во научни списанија. Неговото истражување е финансирано од Канцеларијата за базични науки при американскиот Департман за енергетика, како дел од Центарот за механистичка контрола на неконвенционални формации. Исто така, за време на докторските студии тој бил член на советодавниот одбор на деканот на Школата за инженерство.

Во слободно време Филип танцува, плива и ги истражува природните и урбани убавини на областа околу Санфранцискиот Залив и Калифорнија.



Фото: приватна архива
Подготвил: Христина Христовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема