X
 29.12.2020 Наша тема

Матеа Коцевска, првата Македонка на Schwarzman Scholar – ќе ѝ предаваат Тони Блер, Никола Саркози, Кондолиза Рајс...

Оваа година околу 4.000 кандидати ги испратија своите апликации за програмата Schwarzman Scholars, од кои 150 беа избрани да го формираат 6. кохорт и во август ќе заминат за Пекинг

Пред четири години доби целосна стипендија на Универзитетот „Њујорк“ во Абу Даби, а сега е првиот студент од Македонија на престижната мастер-програма Schwarzman Scholar, на која советници се Тони Блер, Никола Саркози, Кондолиза Рајс и други светски влијателни политичари и економисти. Матеа Коцевска беше една од ретките матурантки што полагаа државна матура во скопската гимназија „Јосип Броз-Тито“ и од државно училиште доби целосна стипендија на Универзитетот „Њујорк“, чиј кампус се наоѓа во Абу Даби. Во септември заминува за Пекинг каде што ќе ги следи магистерските студии.

Коцевска вели дека е горда што е првата студентка од нашата земја што ќе ја следи престижната програма. Таа раскажува за изминатите години во Абу Даби, какви знаења стекнала, какви се нејзините планови.



Што студиравте, со какво искуство се враќате од Абу Даби?

- Сите академски, професионални и лични искуства ми помогнаа да стекнам знаења, размислувања и контакти кои пред четири години не би ни можела да ги замислам. Предизвик ми е да зборувам за академскиот аспект од програмата во која учењето следи холистички пристап и буквално не запира од почетокот до крајот на денот. Целото искуство е креирано на начин да научиш многу повеќе од твојата главна академска пасија. Јас сум дипломиран економист, magna cum laude, со специјализација во финансии и концентрација во политички науки. Мојата дипломска теза е со фокус на интерсекцијата меѓу финансии и политика - економетриска анализа за влијанието на различен вид политички шокови и промени врз движењата на најголемите европски берзи на хартии од вредност. Некои од моите најголеми предизвици во прва година беа задачите по калкулус, вектори и мултиваријабилен калкулус - часови за кои сметам дека немав добра основа.



Но, токму поради тие часови ја надминав срамежливоста, им пријдов на неколку други студенти што беа доста активни на часовите. Со нивна помош, не само што успеав да постигнам високи резултати, туку и некаде низ цртањето графикони во доцните часови во библиотеката нашите разговори ќе се свртеа кон домашна политика, светски проблеми, различни културни традиции и што уште не. Денес тие луѓе се некои од моите најблиски пријатели. Сè што научив од нив секојпат кога ќе се оддалечевме од нашите задачи, е еден од најголемите фактори поради кои постојано стремам да имам сеопфатен поглед кон светот, трудејќи се да ги надминам западноевропско/американско-центричните перспективи кои се присутни низ медиумите кои секојдневно ги консумираме. Искуството да си дел од NYUAD, едно од најдиверзитетните студентски тела во светот, е нешто што сметам дека фундаментално го менува секој студент и го носи кон идеалот. Лидерите на универзитетот често го споменуваат кога зборуваат за мисијата на програмата, создавањето вистински global citizens, без разлика на конкретната академска заднина и интереси на студентот.

Опишете ни еден вообичаен студентски ден во универзитетскиот кампус во Абу Даби. Какви можности нуди, кои искуства Ви се најзначајни?

- Секој ден e комплетно исполнет и динамичен. Пред почетокот на часовите во 9 часот, многу од студентите одат на појадок во студентската кантина. Многу сакав да сум дел од оние групи од спортските терени што се упатуваа кон кантината, но станувањето во 6 часот не е моја јака страна. Нашата кантина D2 е искуство само по себе. Може да се најде храна од целиот свет, таму ја открив љубовта за таи и индиски специјалитети. Често ќе ви пријдат други студенти со некакви препораки, без разлика дали се познавате. Всушност, D2 е еден од најголемите социјални центри на кампусот. Кампус-културата на отвореност и желба за нови пријателства е еден од моите најомилени елементи за NYUAD.

Во распоредот на вообичаен ден имав: часови, консултации со професорите, тренинг по компетитивна дебата, состаноци за студентски парламент, неколку слободни часа во библиотеката за домашни или учење, ручек или вечера со пријатели, неколку часа за обврски поврзани со пракса, физичка активност, повик со моето семејство или пријатели од Скопје. Сечиј распоред беше различен. На кампусот може да се најде сè, за која било студентска потреба: ресурси, технологии и терминали за пристап до богата литература и податоци потребни за најразлични академски цели. Чил-зони за видеоигри и друштвени игри, повеќе од 100 активни студентски групи кои постојано организираат настани од најразличен карактер, но и кариерен центар и советници, центар за помош за академско пишување, тренери за физичка активност и исхрана, психолози, здравствен центар и многу други ресурси.



За мене, најзначајни беа искуствата во дебатната унија и студентскиот парламент. Дебатата беше огромен дел од мојот живот пред студирањето, па приклучувањето кон унијата беше една од моите први цели и нешто што многу ме потсетуваше на дома. Дебатата ми помогна да развијам критичко размислување, да бидам во тек со актуелни новости и политики, да создадам искрени пријателства, да учествувам на престижни интернационални турнири, како оние организирани од страна на универзитетите „Оксфорд“ и „Кембриџ“ во Велика Британија, но и да добијам поддршка и ресурси да ја создадам првата дебатна програма за средношколци на просторите на Обединетите Арапски Емирати.

Во последната година бев претседател на мојата генерација како дел од моето дејствување во студентскиот парламент. Еден од поголемите целогодишни ангажмани ми беше организирањето на завршната церемонија, еднонеделна прослава на која беше предвидено да имаме повеќе од 1.000 гости од целиот свет - родители, научници и академци, инвеститори и многу други. Со тимот работевме речиси на сите аспекти на настанот: планирање, содржина, логистика, финансии и комуникации. Со појавата на Ковид-19, пропадна сето макотрпно работење. Бевме оставени пред предизвик да осмислиме целосно нова прослава користејќи дигитални алатки. Како претседател на својот клас, тие неколку месеци бев едно од лицата на кои им се обраќаа голем број студенти за поддршка, прашања, совети, фрустрации, грижи и слично. Иако беше една од најтешките позиции на кои досега сум дејствувала, искуството ми помогна да научам многу повеќе за справување и решавање конфликти, работење под притисок, но и за сопствениот капацитет за лидерство и емоционална интелегенција.

Официјално сте избрани како 2022 Schwarzman Scholar, престижна мастер-програма. Објаснете ни за што станува збор, како аплициравте, колку студенти опфаќа програмата, каде се одвиваат студиите, кои се предавачи на програмата?

- Schwarzman Scholar е програма креирана во 2016 година и финансирана, замислена и предводена од големи интернационални имиња во светот на финансиите, економијата и политиката. Основач е Стивен А. Шварцман, CEO на Blackstone Group, а советници се Тони Блер, поранешен британски премиер, Никола Саркози, поранешен претседател на Франција, Кевин Руд, поранешен премиер на Австралија, Брајан Малруни, поранешен премиер на Канада, Кондолиза Рајс и Хенри Кисинџер, поранешни државни секретари на САД и многу други. Програмата во својата визија и мисија истакнува дека е во потрага по наредните светски лидери во овие сфери. Програмата верува дека со растот на Кина како најголема глобална економска сила, феномен кој неизбежно носи огромни политички, социјални и културни импликации, секој иден светски лидер е неопходно да има добро познавање на регионот, интеракциите и политиките меѓу Кина и САД, актуелните случувања низ цела Азија и влијанието на ваквата економско-политичка реалност врз остатокот од светот.



Оваа година околу 4.000 кандидати ги испратија своите апликации за програмата Schwarzman Scholars, од кои 150 беа избрани да го формираат 6. кохорт и ќе заминат за Пекинг, Кина, од сите страни на светот, во август 2021 година. Горда сум и среќна што мојата селекција за оваа програма значи дека С. Македонија првпат ќе има свој претставник. Програмата именува три главни критериуми за избор на своите студенти: докажана способност за лидерство преку различни професионални и лични искуства, академски достигнувања и демонстриран потенцијал за идно лидерство во глобалниот економско-политички сектор. Оценувањето се врши преку низа препораки за кандидатот од страна на професори, супервизори, колеги и соученици, есеи поврзани со мотивација, искуства и моменти на демонстрирано лидерство, различни документи за оцена на академски и професионални достигнувања, како оценки, награди, признанија и слично, индивидуални интервјуа и групни вежби во врска со апликацијата, но и размислувања и анализа на актуелни политико-економски случувања.

Што ќе студирате и на кој начин ова е надградба на Вашето досегашно образование?

- Scwarzman Scholars е едногодишна мастер-програма во рамките на Универзитетот „Цингхуа“ по меѓународни односи и нивно влијание во одредена сфера по избор. Моите студии ќе бидат фокусирани на бизнис и економија. Оваа мастер-програма е надградба на мојата академска заднина во економија, финансии и политика, но и на моите професионални искуства. Имам завршено повеќе пракси во различни финансиски и бизнис-сектори, а моментално работам како истражувачки асистент во полето на бизнис-стратегија и политички влијанија за проект предводен од професорот Џефри Ф. Тимонс и истражувачки тим при NYUAD.



Поради флексибилноста при избор на наставни предмети, планирам да се пријавам за понапредни часови по финансиска и статистичка анализа, но и часови за надополнување на моето знаење за Азија и различни економски и политички трендови во регионот. По мастерот, сакам да останам да работам во регионот. Моментално најпривлечно ми изгледа примена на моите искуства во работа со инвестиции и полето на финансиски и политички ризик. Би сакала да работам со компании кои поддржуваат бизниси со социјален импакт и особено сум заинтересирана за полето на образование. Долгорочно би сакала мојата професионална траекторија да заземе политички фокус, потенцијално преку дејствување во меѓународни организации. Сепак, имам многу интереси и отворена сум кон идејата да го истражам секој од нив. Пред четири години не можев да замислам дека мојот живот ќе биде онаков каков што е денес, постојано се изненадувам себеси и останувам отворена за нови предизвици.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема