За да влезете на универзитетот, најважно е да имате добри есеи каде што покажувате какви сте како личност и зошто сакате да студирате таму, да имате многу вонучилишни активности и проекти, и да имате добар академски успех, иако тоа не значи дека треба да сте скроз одлични
Жељко Ненадиќ и Андријана Пејчиновска, средношколци од гимназијата „Орце Николов“, школувањето ќе го продолжат во Абу Даби во Обединетите Арапски Емирати. И двајцата добиле целосна стипендија за студирање на New York University во овој град, која ги покрива сите трошоци за школување, сместување, храна и пат. Ни раскажаа како успеале да се запишат и покрај тоа што таму примаат 2 процента од оние што конкурирале од целиот свет, а и кои им се целите.
Развиени услови, прекрасен кампус, флексибилни програми
- Отсекогаш сум бил љубител на природните науки, особено на биологијата и хемијата, па поради тоа, одлучив да студирам нешто што ги опфаќа двете науки - биохемијата. Таму конкурирав затоа што универзитетот е „Research University”, односно од истражувачки карактер и ја има најсовремената лабораториска опрема. Мислам дека тоа е одлично бидејќи за природни науки се потребни токму истражување и експериментирање. Исто така, станува збор за еден од најпрестижните универзитети во светот – вели Ненадиќ.
Жељко ќе студира биохемија
Пејчиновска ќе студира психологија, а главни предмети ќе ѝ бидат и Социјално истражување и Јавна политика. За спореден предмет, пак, одбрала Филозофија.
- Се одлучив за овие три работи бидејќи сите три предмети се општествени и во центарот на своето проучување го ставаат човекот. Целосната стипендија вклучува студирање, книги, сместување, храна, авионски летови и џепарлак. Одлучив да конкурирам таму поради развиените услови, прекрасниот кампус, флексибилниот курикулум и диверзитетната околина и, се разбира, бидејќи знаев дека има можност за стипендии. Бев во Абу Даби на четиридневно платено патување, интервју, на кое нѐ прошетаа низ кампусот, низ преубавиот и напреден Абу Даби, со највкусната храна и најубавите глетки – вели таа.
Стипендијата, објаснуваат нашите соговорници, им се дава по потреба на студентите што студираат таму, врз основа на тоа дали родителите можат да платат за школувањето или не. - Тешкиот дел не е добивањето на стипендијата, туку да бидеш прифатен, примен на факултетот. Факултетот прима само 2 процента од кандидатите годишно, од целиот свет, велат тие.
Се бараат воншколски активности, не само петки
- Најважниот дел е да имате добри есеи каде што покажувате какви сте како личност и зошто сакате да студирате таму, да имате многу вонучилишни активности и проекти и, се разбира, да имате добар академски успех, иако тоа не значи дека треба да сте скроз одлични во сите четири години од средното училиште - раскажува Андријана.
Андријана се радува на авантурата во Абу Даби
Се гледа себеси како доста амбициозна и борбена. Активистка е на многу полиња, а моментално учествува во две иницијативи. Едната е за кревање на свеста за менталното здравје (Hack the Mental Health Stigma), а преку другата организира настани-дискусии за средношколци и студенти (ОрцеTalks). Освен тоа, веќе четири години е дебатер во клубот на МОФ, сегашен предавач по дебата.
Планира да продолжи на мастер-студии, а цели кон Oxford Rhodes Scholars, ама ќе видиме понатаму.
Свои зацртани цели има и Жељко.
- Сѐ уште размислувам дали да се стремам кон Oxford Rhodes Scholarship за да продолжам со студиите или да се посветам на идната кариера – вели тој.
Љубопитен е и амбициозен. Вели дека сака да има импакт врз општеството, па затоа членува во повеќе невладини организации и е вклучен во повеќе иницијативи, како Младинската иницијатива за промени во образованието поддржана од „Младите можат“, а е дел и од организацискиот тим на ОрцеTalks.
За тоа дали би се вратил да живее овде, вели дека не размислувал премногу, но некако е сигурен дека не би сакал.
- Нешто во мене ми вели дека нема да се вратам да живеам и да работам во Македонија. Очекувам да продолжам во странство, повторно, каде и да ми се понуди добра можност – вели и Андријана.