X
 30.01.2019 Живот

437 училишта во Бангкок се затворени поради загадениот воздух

Вкупно 437 училишта во Бангкок денеска се затворени поради загадениот воздух што го зафати градот од крајот на минатата година.
 - За да се спречат сериозни здравствени проблеми кај децата на училишна возраст, засега најдобро за нив е да не доаѓаат на училиште - изјави заменик-гувернерот на Бангкок, Кријањос Судлапа.
Властите во главниот град на Тајланд се обидуваат да го решат проблемот - се планира да се употребат околу 50 дрона со кои ќе се прска сок од шеќерна трска, кој се користи за уништување на честички од прав.
Последниов месец Индексот за квалитет на воздухот во Бангкок (AQI) често надминува 150 поени, што значи дека е на „нездраво“ ниво. Индексот AQI денеска изнесува 183.
Многу жители на Бангкок и денеска носат специјални маски за лице за филтрирање на честичките PM 2,5 – честички помали од 2,5 микрограми кои можат да продрат длабоко во белите дробови и да предизвикаат смрт од срцеви заболувања, мозочен удар, рак на белите дробови, хронична болест на белите дробови и респираторни инфекции.
Локалните власти соопштија дека смогот главно е предизвикан од густиот сообраќај и градежните работи. На улиците во Бангкок моментално има околу 10 милиони возила.

Извор: МИА
Фотограф: Brent Lewin/Bloomberg

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот