X
 22.05.2021 Живот

Тајланд сака да ослободи 50.000 затвореници поради ширење на ковид-19 во затворите

Тајланд размислува да ослободи до 50.000 затвореници поради ширењето на ковид-19 во затворите, пренесува „Инсајдер“.

Во понеделникот дури 71% од новозаболените лица на Тајланд биле затвореници. Земјата досега регистрирала над 13.000 случаи на ковид-19 во затворите. Во еден затвор во провинцијата Чианг Маи над 60% од затворениците што се тестирале во првата половина од мај биле заразени со ковид-19.

Министерот за правда на Тајланд, Сомсак Тепсутин, изјавил дека размислуваат за намалување на бројот на затвореници со нивно предвремено пуштање доколку не може да добијат доволно вакцини или не се намали ширењето на ковид-19 во брз рок.

Тајланд има најголем процент на затвореници по глава на жител во светот, со околу 443 затвореници на секои 100.000 жители. Земјата со речиси 70 милиони жители има околу 311.000 затвореници, што значи дека потенцијалното пуштање на 50.000 затвореници би го намалило бројот на затворени лица за 16%. Затворите во Тајланд се полни бидејќи во нив има место за околу 110.000 затвореници.


Фото: Pixabay

Во земјата досега се регистрирани над 113.000 случаи на ковид-19, меѓу кои и над 670 смртни случаи. Само 1,2% од населението се вакцинирани.

Тајланд не е единствената земја што размислува за пуштање на затворениците поради ширењето на ковид-19. Претходно Малезија изјави дека ќе ги пушти малолетните затвореници што добиле казна помала од една година и кои би требало да ја отслужат казната за помалку од три месеци.

Индонезија, исто така, изјави дека ќе пушти околу 30.000 затвореници, а Турција и Кипар се други земји што пуштиле над 100.000 затвореници минатата година. Во САД биле ослободени околу 23.800 затвореници поради ковид-19.

Автор: Кејти Ворен
Извор: insider.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот