X
 30.03.2021 Здравје

Зошто кашламе и кога и како се третира кашлицата?

Болестите што предизвикуваат кашлица се варијабилни со текот на возраста. Сепак, најчеста причина за кашлицата е инфекција што го зафаќа горниот или долниот респираторен тракт

Автор: Д-р Лидија Стојчевска-Иванова


Кашлицата е симптом кој се јавува во секоја возрасна група, од првите мигови на животот, па сè до најдлабока старост. Тоа е неволен, самостоен и автоматски процес. Честопати е здодевен и упорен симптом. Се состои од вдишување, издишување и автоматско испуштање на воздухот од градниот кош. Најчесто е знак на инфекција, болест, алергија, загаден воздух или пушење цигари. Многубројни се факторите што придонесуваат за појава на кашлицата, како внатрешни така и надворешни. Но крајниот исход е или сува надразителна кашлица или влажна и продуктивна кашлица. Неретко се случува и комбинација на овие две состојби.

Болестите што предизвикуваат кашлица се варијабилни со текот на возраста. Сепак, најчеста причина за кашлицата е инфекција што го зафаќа горниот или долниот респираторен тракт. Неретко се случува причината за кашлица да не е примарно во респираторниот тракт, туку таа е последица на некоја друга состојба надвор од респираторното стебло.

Што сè открива прегледот?

Во најмала возраст кашлицата е најчесто резултат на инфекции на горниот респираторен тракт и е доста сериозен проблем бидејќи влијае врз редовната исхрана на детето, а со тоа и врз неговиот правилен раст и развој. Од долнореспираторниот тракт во малата возраст најчест причинител на кашлицата е бронхиолитот. При долготрајна кашлица треба да се бараат и други причинители како, на пример, некои конгенитални малформации или аспирација на содржина од гастроинтестиналниот тракт.



Анамнестичките податоци даваат увид во генезата и патофизиолошките механизми на кашлицата. Постојат многу прашања што треба да бидат поставени. Од кога кашла, како звучи кашлицата, дали е продуктивна или сува и надразителна? Понатаму, ако е продуктивна, каков е спутумот по боја, колку е обилен по количина, дали има мирис? Колку време трае кашлицата, дали се појавува циклично во текот на едно деноноќие или е постојана. Дали има и други симптоми со неа, како на пример секреција од нос, болки во грло, глад за воздух, градна болка? Дали со текот на времето се влошува, дали е пациентот пушач, дали има пушачи во неговата непосредна околина, што е по професија? Некои прашања може да звучат како клише, но понекогаш одговорот се крие токму во ситниците.

Физикалниот преглед е основната и воведната алатка на патот до точната дијагноза. Понекогаш уште при прегледот може да се добијат корисни информации, почнувајќи од начинот на кој пациентите вдишуваат и издишуваат, движењето на дишната мускулатура, развиеноста на градниот кош, формата на врвовите од прстите и др.
Секако, аускултацијата е најважен чекор до дијагнозата. Тоа е безопасна, евтина и брза метода. Покрај тоа, на располагање имаме и други суверени дијагностички методи, како што се радиолошки, спирометрија и тестови со провокација, пулсоксиметрија, микробиолошки, тест со потење, биохемиски анализи и многу други.


Д-р Лидија Стојчевска-Иванова

Кога кашламе најмногу?

Влажната кашлица настанува поради создавање и исфрлање слуз и секрет и се карактеризира со звук при кашлањето кој е од самото поместување на создадениот слуз низ респираторниот тракт. Слузот и секретот се со различна густина, па поради тоа и различно се презентира продуктивната кашлица кај пациентите. Секогаш кашлицата е придружена со болки во градниот кош, болки во стомачната мускулатура, главоболки, општа премаленост, замор, несоница.

Сувата кашлица е често поалармантна, нагло почнува, пациентите се видно исплашени и бара итна реакција и помош. Понекогаш сувата кашлица е придружена со визинг или со стридор, што дополнително ја влошува. Глад за воздух, задушување, стегање во градниот кош се присутни секогаш со сува кашлица.

Кашлицата која трае подолго од 3 недели, т.е. субакутна или подолго од 8 недели, т.е. хронична е предизвикана од аерозагадување, пушење, астма, ХОББ, алергија, срцева слабост, одредени лекарства, ГЕРБ, хемиски иритации итн.
Поради тоа што респираторните инфекции имаат сезонски карактер, и продуктивната кашлица е доминантна во месеците од есен до пролет, со можни појави и преку цела година. Како симптом таа се појавува во сите возрасни групи.

Од друга страна, сувата кашлица може да се јави преку целата година, без разлика на сезоната, бидејќи и етиолошките фактори се постојано присутни, како што е аерозагадувањето, чадот од цигарите, алергените во природата, а уште повеќе тие од домаќинството. Аспирацијата на туѓо тело како акцидентална причина исто така може да се случи секогаш. Неврогената кашлица како еден вид сува кашлица исто така се случува без временска рамка.

Како се третира кашлицата?


Третманот на секоја кашлица треба да биде етиолошки, доколку е тоа можно. Значи кај една докажана бактериска бронхопневмонија или пневмонија потребно е примарно антибиотски третман. Кај една вирусна инфекција, покрај супоративен и имуностимулирачки третман, витаминотерапија, ако има основа, може да се даде и антивирусна терапија (доколку е достапна). Кај хроничните заболувања кои доведуваат до продуктивна кашлица секако третманот се спроведува преку лекување на основното заболување. Кај надворешните агенси и аерозагадувањето најважно е да се намали или избегне експозицијата на болните на иритирачките агенси или заштита со маски, кои станаа неопходни поради пандемијата на Ковид-19.

Во општи правила за третман, кај една продуктивна кашлица треба да се пристапи и со банални, но ефикасни постапки, како што се навлажнување на воздухот во просторијата, проветрување, давање топли напивки, внес на поголема количина течности, внес на витамини, дренажа на секретот и др.
Основно начело кај лекување на продуктивна кашлица е давање на пациентот лекови за влажна кашлица т.е. муколитици, експекторанси и секретомоторици. Главната нивна карактеристика е да се исфрли слузта и секретот од респираторниот тракт, со тоа што ќе го поттикнат искашлувањето било со разредување било со мобилизирање на истиот.
Кај сувата кашлица приоритетно е да се олесни дишењето, да се отворат дишните патишта, со цел намалување на визингот или стридорот. Ако станува збор за акутно настаната состојба, потребна е брза интервенција од стручни лица и администрација на кислород. Ако е подолготрајна сувата кашлица, тогаш треба паралелно да се третира и етиолошки и симптоматски.
Кај секретолитиците дејството е изразено со зголемена продукција на слуз од респираторното стебло, што доведува до разредување на наталожениот секрет и негова полесна елиминација. Кај муколитиците, пак, механизмот на дејство е преку ензимско раскинување на молекуларните врски на секретот, со што се добиваат помали партикли од секретот кои се полесни за исфрлање. Секретомоторици, пак, дејствуваат така што ја зголемуваат подвижноста на цилиите на ендотелните клетки.
Муколитиците се поголема група на лекови која наоѓа широка примена во секојдневната медицинска практика. Безбедни се за давање од двегодишна возраст, достапни во повеќе форми и облици.
Антитусиците се лекови кои влијаат врз сувата кашлица на тој начин што го намалуваат рефлексот за кашлање на локално или централно ниво. Имаат повеќе несакани дејства и потребно е големо внимание при нивната употреба. Од голема корист се бронходилататорите, деконгестивите, антихистаминиците и други, во зависност од тоа кој ентитет испровоцирал сува кашлица.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје