Кашлицата претставува рефлексна реакција на дишните патишта, со цел чистење на дишните патишта од слуз и надразнувачи, како што се прашината или чадот. Распознаваме два типа кашлица: сува кашлица и продуктивна кашлица. При сува кашлица не се создава густа слуз, за разлика од продуктивната кашлица каде што имаме создавање на спутум.
Кашлицата е еден од најчестите симптоми на детски болести и како таква често пати не укажува на посериозни проблеми. Кашлицата, всушност, е здрав и важен рефлекс кој помага да се заштитат дишните патишта. Симптомите на кашлање можат да се ублажат во домашни услови, но сепак во случај да се влошат, потребна е медицинска помош. Кашлањето влијае и врз дишењето.
Кај деца, особено кај предучилишни деца, вообичаено е целосно намалена по 1-3 недели од нејзиниот почеток, но доколку перзистира повеќе од 4 недели, треба да се направат дополнителни испитувања да се утврди да не има некој друг проблем.
Кај деца, кашлицата е опишана како акутна (краткорочна) доколку трае до 2 недели. Продолжена акутна кашлица се нарекува кашлица која трае помеѓу 2 и 4 недели и доколку кашлицата перзистира повеќе од 4 недели, се нарекува хронична кашлица.
Во најголем број од случaите кашлицата е предизвикана од вирусни инфекции и се намалува без третман или со симптоматски третман со помош на природни хербални производи.
Акутната кашлица се должи генерално на инфекции на горните дишни патишта, како што се настика, воспаление на синуси, уво и грло. Овие инфекции вообичаено не се сериозни, но доколку се повторуваат често и се долготрајни, можат значајно да го нарушат квалитетот на живот кај децата. Исто така, може да се јави и кај инфекции на долните дишни патишта, инфекции кога се засегнати белите дробови и долните дишни патишта, а вклучуваат примери како бронхитис или пневномија.
Од друга страна, хроничната кашлица може да биде предизвикана од:
- астма;
- некои лекови;
- надразнувачи како чад, прашина и слично.
Постојат и одредени генетски болести кои можат да предизвикаат кашлица со деформирање на дишните патишта, на пример, кај пациентите со цистична фиброза се создава густа слуз, која може да предизвика постојана кашлица. Туѓо тело во дишните патишта може да предизвика кашлица или давење со одредена храна.
Најчести видови кашлица што можат да се јават кај децата се:
1. Продуктивна кашлица – кашлица каде што се создава слуз и најчесто е предизвикана од настинка или грип. Придружни симптоми на кашлицата се ринореја (течење на носот), затнат нос и замор. Со овој тип кашлица телото работи да ја отстрани слузта од носот, грлото, дишните патишта и белите дробови. Продуктивната кашлица може да се подели на акутна, која трае помалку од 3 недели, и хронична, која трае повеќе од 4 недели. Покрај настинка или грип, кашлица може да се јави и кај пневмонија, хронично опструктивно белодробно заболување, хроничен или акутен бронхитис или астма.
2. Сува кашлица – е кашлица кај која не се создава слуз. Се чувствува како непријатност и скокоткање во грлото, сензација која предизвикува рефлекс на кашлица. Тешко се контролира и може да перзистира на подолг рок. Причина поради која се јавува сува кашлица е воспаление или иритација во респираторниот тракт, но нема вишок слуз што треба да се отстрани. Најчесто е предизвикана од настинка, грип, ларингитис, тонзилитис, синузитис, астма или изложеност на надразнувачи. Сува кашлица може да се јави и при алергии, сезонски или целогодишни.
3. Пароксизмална кашлица – наизменични напади на силна и неконтролирана кашлица. Оваа кашлица исцрпува, болна е и влијае врз дишењето. Ваквиот тип кашлица се поврзува со астма, хронично опструктивно белодробно заболување, пневномија, туберкулоза итн.
4. Кашлица со отежнато дишење – е знак на воспаление на долните дишни патишта и прави специфичен звук кој лекарот го детектира со стетоскотоп. Најчесто ваквиот тип кашлица се јавува кај астма или бронхитис.
Третман – кога се работи за третман на кашлицата, особено е значајно да се направи разлика помеѓу сувата и продуктивната кашлица зашто тие се лекуваат на различен начин. Кога ја третираме сувата кашлица, користиме антитусици кои ја смируваат кашлицата, додека кај продуктивната кашлица користиме експекторанси за олеснување на искашлувањето на секретот. Прво, важно е доколку ги знаеме причините што довеле до кашлица да се отстранат и потоа дејствуваме симптоматски со експекторанси кои се препорачуваат за полесно искашлување на секретот кога се работи за продуктивна кашлица. На овој начин го разводнуваме густиот секрет кој се создава во дишните патишта и на овој начин е олеснето искашлувањето. Спротивно на ова, кај сувата кашлица се користат антитусици за смирување на сувата кашлица. Постојат антитусици со локално дејство кои механички ја обложуваат слузницата и ја намалуваат дразбата која предизвикува кашлица и антитусици со централно дејство, кои го потиснуваат рефлексот за кашлање во мозокот. Пожелно е да се користат антитусици кои немаат централно дејство на мозокот.
Кога се работи за третман на хроничната кашлица, клучно е да се утврди причината за да може да се спроведе ефикасен третман. Се случува повеќе од една основна причина да предизвика хронична кашлица. Лекови што се користат за лекување хронична кашлица вклучуваат: антихистаминици, кортикостероиди и деконгестиви – лекови кои се користат како стандарден третман на алергии. Кога се работи за кашлица што е поврзана со астма, постојат посебни инхалаторни лекови за астма кои се користат по строга препорака на лекар. Доколку причина за хронична кашлица е бактериска, габична или микобактериска инфекција, тогаш антибиотиците може да бидат ефикасен третман, но препишани строго по антибиограм и по препорака на матичниот лекар.
На децата им треба одмор, се земаат течности за оптимална хидратација и се јаде лесна храна која нема да предизвика непријатност. Лекови за третман на кашлицата се даваат во консултација со вашиот матичен лекар или педијатар.
Кога кашлицата се влошува, детето губи тежина, дишењето е тешко, се јавува болка во градите кај детето, треската не се намалува, детето има тешкотии при голтање, гласот на детето е засегнат, кашла крв, кожата му станува сина – цијаноза (ова е итна медицинска состојба и бара брза реакција и итна медицинска помош) детето е помало од 3 месеци и кашла веќе неколку часа, детето покажува знаци на дехидратација - вртоглавица, поспаност, сува уста, сува кожа, плачење без солзи или со малку солзи, детето малку уринира, детето одбива храна - бара задолжително да се јавите на лекар зашто ова укажува на посериозна состојба кај вашето дете.
Д-р Весна Атанасовска, специјалист по семејна медицина
ПЗУ Медико Марија