Ако стигнете во Кралство Тонга во недела, може да се најдете во необична ситуација - речиси сè е затворено, а многу активности, како одење на плажа, се забранети.
Кралство Тонга е островска држава сместена во јужниот дел на Тихиот Океан, источно од Фиџи и северно од Нов Зеланд. Се состои од архипелаг со повеќе од 170 острови, од кои околу 36 се населени. Главен град е Нукуалофа, сместен на најголемиот остров Тонгатапу.
Тонга е уникатна по тоа што е една од ретките пацифички земји што никогаш формално не биле колонизирани, иако во минатото била под британски протекторат. Денес функционира како уставна монархија, каде што кралот има значајна политичка улога, но власта ја дели со избран парламент.
Неделата е „свет ден“
Земјата е позната по строгото почитување на христијанската традиција, особено неделата како ден за одмор и богослужба. Оваа практика е длабоко вкоренета и во законите и во секојдневниот живот.
Во недела продавниците, рестораните и повеќето деловни објекти не работат. Забранети се риболов и рекреативно пловење, спортските активности се ограничени, а јавниот превоз речиси не функционира.
Дури и одредени форми на работа и забава се законски ограничени.
Казни за непочитување на законот
Американскиот јутјубер Дру Бински ја посетил оваа земја и го прикажал животот таму.
- Работењето е нелегално и може да биде казнето со висока парична казна или затвор - изјавил тој.
Туристите не можат да планираат излети, шопинг или излегувања во недела. Овие правила потекнуваат од закони што ја штитат „светоста“ на неделата, донесени под силно влијание на христијанските мисионери уште во 19 век.
И денес, мнозинството од населението редовно присуствува на црковни служби, а државата активно ја одржува оваа традиција.
Во поново време, поради развојот на туризмот, направени се одредени компромиси. Некои хотели и туристички комплекси даваат ограничени услуги за гостите, но земјата практично паузира во недела.
Извор:
Klix.ba
Фото:
Instagram